ИЦЕ приведе осумгодишно дете на закажана имиграциска проверка

Италија
EPA/CRAIG LASSIG

Осумгодишно дете од Хаити е одвоено од чичкото и предадено на федерална служба за згрижување откако дошло на закажана проверка во американската Служба за имиграција и царина, ИЦЕ, во Сан Диего. Настанот, за кој известува „Индекс“, се случил минатата недела и предизвика реакции од училиштето и локалните организации што бараат момчето да биде вратено кај блиските.

Момчето е ученик во трето одделение во основното училиште „Феј“. Живеело со чичкото и братучедите откако неговиот татко бил депортиран во Мексико во 2025 година. Според писмото на училишниот округ до федералните власти, чичкото го одвел на состанокот затоа што не сакал да го прекрши законот. Од проверката се вратил без детето.

Имиграциските власти го образложуваат потегот со прашањето за законското старателство. Портпарол за АБЦ њуз изјавил дека чичкото не можел да докаже дека е законски старател, поради што службениците го класифицирале момчето како малолетник без придружба. Повикувајќи се на федералниот закон за заштита на жртвите на трговија со луѓе, го предале на Канцеларијата за згрижување бегалци.

Министерството за внатрешна безбедност тврди дека постапило за да ја осигури безбедноста на детето и го отфрла описот дека тоа било преземено за да заврши во имиграциски притвор. Од друга страна, членот на училишниот одбор Коди Петерсон наведува дека чичкото во училишната документација бил запишан како овластено лице што се грижи за момчето.

Агенцијата не изнела обвиненија дека чичкото го злоставувал детето. Герлин Жозеф од организацијата „Хаитски мост“ тврди дека за момчето се грижеле добро и дека по депортацијата на таткото не била обезбедена можност навреме да се уреди законското старателство

Одвојувањето ги вознемирило и соучениците. Училишниот округ соопшти дека испраќа советници за кризна поддршка во „Феј“, бидејќи децата изразувале страв и загриженост за другарчето. Во писмото од 6 ноември, образовните и локалните претставници бараат федералните служби да им дадат предност на решенија што ги задржуваат децата блиску до нивните училишта, роднини и заедници.

Случајот повторно ги отвора прашањата за одвојувањето и згрижувањето деца за кои Рацин.мк пишуваше по приведувањето двегодишно девојче во Минесота во јануари. Во тој настан, девојчето било задржано заедно со таткото, а потоа префрлено во Тексас, и покрај судска наредба што го забранувала нејзиното преместување, според судските поднесоци цитирани од Си-ен-ен.

Девојчето било вратено кај мајката следниот ден, додека таткото тогаш останал во притвор. Министерството тврдело дека мајката одбила да го преземе детето, што семејните адвокати го отфрлиле.

Во Сан Диего семејството се обидува да го реши прашањето за старателството. Според извештајот на локалниот јавен медиум КПБС од 9 ноември, осумгодишното момче и понатаму е под грижа на Канцеларијата за згрижување бегалци

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?