Повеќе од половина од гласовите во анкетата на Рацин.мк за случајот со Алта банка Битола се за оставка на гувернерот Трајко Славески. Од вкупно 1.691 глас, 884, односно 52 отсто, се за негово повлекување од функцијата.
Втората најизбирана опција, со 444 гласа или 26 отсто, е дека Славески требало навреме да ја преиспита дозволата на банката, пред да се отвори случајот во Србија. Двете опции, за оставка и за задоцнета реакција, заедно добија 1.328 гласа, или 78,5 отсто од вкупниот број.

Со 228 гласа, или 13 отсто, учесниците ја поддржале оценката дека гувернерот со преземените мерки ги заштитил граѓаните. Уште 135 гласа, или 8 отсто, добила опцијата што одговорноста ја лоцира кај сопствениците и раководството на банката.
Рацин.мк ја отвори анкетата на 2 ноември, ден откако Народната банка воведе тримесечна администрација во Алта банка Битола. Мерката следуваше по одземањето на дозволата за работа на белградската Алта банка, која поседуваше 95,336 отсто од акциите во битолската банка. Народната банка во истиот ден ја повлече согласноста за квалификувано учество на белградската банка.
За време на анкетата, редакцијата на Рацин.мк регистрираше обиди за повторено гласање од групи IP-адреси геолоцирани во Штип и Скопје. Редакцијата го оцени образецот како ботовски напад и ги блокираше тие адреси за гласање.
„Шминкањето“ на анкетните резултати е манипулација со јавноста. Како независен и непристрасен медиум, Рацин.мк го штити гласањето од обиди за манипулација. Резултатот го одредуваат читателите.

