NarativAI ја објави првата мапа на медиумски пустини во Македонија и Србија

NarativAI

Граѓаните можат за помалку од една минута да пријават ако од нивниот крај воопшто не се известува или се известува недоволно

Кој известува кога во вашето населено место кога ќе снема вода, кога ќе се затвори училиштето или кога советот на општината ќе донесе одлука што ги засега сите жители? Во голем дел од Македонија одговорот е: никој. Анализата на NarativAI покажува дека 49 од 80 општини немаат сопствен локален традиционален медиум (печат, радио, телевизија), а пет општини не ги покриваат ниту регионалните традиционални медиуми.

Овие наоди се дел од истражувањето „Кој ги раскажува нашите приказни?“ (Who Tells Our Stories?), првото прекугранично мапирање на медиумските пустини во Македонија и Србија. Резултатите се прикажани на интерактивна мапа на која граѓаните можат и самите да ја дополнуваат.

„Ова е прво вакво заедничко мапирање на медиумските пустини во Македонија и во Србија“, вели Александар Манасиев, претседател на NarativAI. „Како организација сметаме дека е од исклучителна важност да опстои локалното новинарство, да се зајакнат локалните медиуми и да се зголеми бројот на дописници од сите региони.“

Поимот „медиумска пустина“ го воведоа американски истражувачи и креатори на политики. Со него ја објаснуваа кризата на традиционалните медиуми и исчезнувањето на локалните редакции по дигиталната трансформација и глобалната економска криза од 2008 година. Една од најкористените дефиниции е онаа на Абернети (Abernathy, 2020): медиумска пустина е „заедница, рурална или урбана, во која жителите имаат многу ограничен пристап до веродостојни и сеопфатни вести и информации што ја хранат демократијата на локално ниво“.

„Со други зборови, медиумска пустина не мора да биде заборавено планинско село. Тоа може да биде и градска населба или помал град, па дури и место каде медиуми формално постојат, но локалните теми ретко стигнуваат до вестите“, вели Манасиев.

Во Србија проблемот има поинакво лице. Регистрирани медиуми таму можеби постојат, но дел од заедниците информациите ги добиваат од социјалните мрежи, од уста на уста и од повремени прилози од соседните градови.

Истражувањето траеше од мај до септември 2026 година. Тимот ги анализираше и вкрстено ги проверуваше јавно достапните податоци за печатените, радио, телевизиските и онлајн медиуми, а потоа ги дополни со теренско известување и со локални извори.

За Македонија главен извор беа Регистарот на печатени медиуми и годишните анализи на медиумскиот пазар на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), како и Регистарот на професионални онлајн медиуми Onlinemedia.mk. За Србија се користени Регистарот на медиуми при Агенцијата за стопански регистри (АПР), податоците на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и порталот Права мера медија.

Авторите предупредуваат дека делот за Србија има поголеми ограничувања. Податоците за локалните медиуми се расфрлени во различни регистри и не се секогаш ажурирани, а регистриран медиум не значи и медиум што редовно известува. Затоа мапата е слика заснована на најдобрите достапни податоци, а не конечен попис на сите медиуми.

„Тука на ред доаѓаат граѓаните. Мапата е отворена за секој што знае место во Македонија или во Србија каде локалните вести недостасуваат. Може да се пријави дека нема локален медиум, дека известувањето е слабо, дека локалниот медиум се затворил, дека постои загриженост за пристрасно известување или друг проблем со локалното информирање“, објаснува Манасиев.

Не мора да сте новинар или експерт. Најдобар извор се жителите: кои приказни остануваат непокриени, од каде ги добиваат локалните вести и дали некој медиум престанал да работи.

Како да пријавите медиумска пустина (за помалку од една минута):

1. Отворете narativai.org/mapping-news-deserts и скролајте најдолу до мапата.

2. Изберете македонски или англиски јазик.

3. Кликнете „Start“ и означете го местото на мапата.

4. Изберете го типот на проблем и, ако сакате, опишете конкретен пример.

5. Кликнете „Submit report“.

Секоја пријава укажува на можен проблем, но не потврдува автоматски дека местото е медиумска пустина.

NarativAI планира истражувањето за медиумските пустини, во иднина, да го спроведе и во други земји од регионот.

Ставете ја вашата заедница на мапата. Помогнете нераскажаните локални приказни да станат видливи.

За NarativAI

NarativAI е граѓанска организација со седиште во Скопје која се залага за етичка примена на технологијата во новинарството. Организацијата спроведува истражувања и обуки. Проектот „Кој ги раскажува нашите приказни?“ е реализиран со поддршка на Европскиот фонд за Балкан (European Fund for the Balkans).

Мапата и целосното истражување: narativai.org/mapping-news-deserts

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?