Арон Орбан, брат на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, е приведен во опсежна полициска акција под сомневање за вмешаност во криумчарење луѓе и издавање нелегални визи, соопшти унгарскиот премиер Петер Маѓар.
Информацијата за приведувањето ја објави премиерот Петер Маѓар, повикувајќи се на тековните постапки што ги водат надлежните истражни органи во земјата.
Акцијата ја спроведуваат Националното биро за истраги (NNI) и Канцеларијата за заштита на национален имот (NVVH). Според соопштенијата на полицијата, извршени се симултани претреси и приведувања на повеќе лица на подрачјето на Будимпешта и округот Пешта, во рамки на две поврзани кривични истраги.
Случајот се однесува на шема за незаконско обезбедување визи и термини преку унгарски дипломатски претставништва за странски државјани, главно од Виетнам, кои плаќале значителни парични износи врз основа на фиктивни договори за вработување, за потоа да бидат префрлани во други држави од Европската Унија.
Според наводите од истрагата, во дејствијата била инволвирана и приватна фирма поврзана со Арон Орбан, преку која одело посредувањето во дипломатско-конзуларните претставништва.
По објавувањето на информациите за приведувањето, Виктор Орбан реагираше со тврдење дека станува збор за политички мотивиран процес насочен против него, наведувајќи дека неговиот брат е само инструмент за политичка пресметка.
Истражните органи најавија дополнителни официјални детали за правниот статус и мерките за приведените лица.

