Присуството на протест само по себе нема да спаси живот. Но, пораките од улицата мора да стигнат до собраниската говорница. До седниците на комисиите. До амандманите за буџетот. До одлуките од кои зависи дали следната жена што ќе пријави насилство ќе добие вистинска заштита.
Нола ИСМАЈЛОСКА-СТАРОВА
Пратенички, притисокот мора да почне од Собранието.
Соберете се во Клубот на пратенички. Поканете ги организациите што секојдневно работат со жртвите, правниците, психолозите и луѓето што ги познаваат слабостите на системот. Слушнете ги жените што со месеци барале помош. Излезете со заеднички документ со конкретни законски решенија, рокови, надлежни институции и обезбедени средства. Побарајте јавно да се следи неговото спроведување. Застанете зад него со имиња, потписи и гласови.
Организаторите на протестот „Ниту една повеќе!“ бараат усвојување на законските измени за заштита од насилство, за кои наведуваат дека се поднесени во Собранието во август. Јавноста заслужува јасен одговор до каде е постапката, што точно се предлага и кога пратениците ќе расправаат. Секое решение треба да се оцени според едно прашање: дали ќе овозможи побрза и поефикасна заштита?
Додека се чека дневен ред, некоја жена го чека утрото со страв. Го слуша лифтот, чекорите пред вратата, телефонот што повторно ѕвони. Размислува дали да пријави уште еднаш. Дали некој овој пат ќе ја сфати сериозно. Дали со пријавата ќе се заштити или ќе го разгневи човекот од кого се плаши.
Жената не бара сочувство. Бара да остане жива.
Точно на пладне во неделата, скопските улици одекнаа со: „Ниту една повеќе!“. Протестот, без забележливо присуство на политичарки и политичари, повторно го отвори прашањето каде се оние што можат да ги претворат барањата во закони, буџет и институционална одговорност. Дали партиските пресметки се повредни од женските животи?
Присуството на протест само по себе нема да спаси живот. Но, пораките од улицата мора да стигнат до собраниската говорница. До седниците на комисиите. До амандманите за буџетот. До одлуките од кои зависи дали следната жена што ќе пријави насилство ќе добие вистинска заштита.
Билјана имаше 17 години. На нејзината смрт ѝ претходеле пријавено насилство, закани и судски мерки за заштита. Истрагата мора да утврди како се проценувала опасноста, како се спроведувале мерките и кој ја следел нејзината безбедност. Нејзиното семејство и јавноста заслужуваат одговори за секој институционален чекор.
Седумнаесет години. На тие години се сонува за матура, за факултет, за патувања и нови искуства. Се прават планови, се греши, се почнува одново. Билјана требаше да има време за сето тоа. Да порасне, да избира, да го пронајде своето место во светот. Побарала заштита. Денес, наместо таа да зборува за својата иднина, ние бараме одговори за нејзината смрт.
Емилија. Рамајана. Танкица. Росица. Сузана. Ајнет. Ивана и Катја. Билјана. Имињата од повикот на иницијативата се болка наталожена низ годините. Секоја од нив имала свој глас, свои навики, луѓе што ја чекале да се врати дома. Ниту една не смеела да стане име што го изговараме на следниот протест.
Според ХЕРА, случајот со Билјана е седмиот фемицид во земјава во 2026 година. Податоците на МВР за првите девет месеци покажуваат 1.337 кривични дела од областа на семејното насилство и 1.433 жртви, од кои 1.144 жени. Тоа се различни категории податоци, но зад секоја стои човечки живот погоден од насилство.
Пратенички, имате моќ да побарате промена. Имате право да предложите закон, да поднесете амандман, да побарате надзорна расправа, да поставувате прашања сè додека не добиете одговор. Употребете ги тие овластувања за жената што нема пристап до министерски кабинет, нема кој да се јави за неа и нема пари да замине.
Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство веќе постои. Во него се предвидени проценка на ризикот и координација меѓу институциите. Токму затоа мора да се утврди каде запира заштитата меѓу законската обврска и животот на жената што пријавила.
Со закон може да се направи промена. Со јасни обврски, кратки и спроведливи рокови, обезбедени средства и последици за утврденото несовесно постапување. Со надзор што ќе провери дали обврските се исполнети.
Ако полицијата не реагира навреме, барајте систем во кој секоја пријава и секое дејство ќе остават проверлива трага: кога е пријавено, кој постапил, како го проценил ризикот и што презел. Полицаецот што ја прима новата пријава мора да ги гледа претходните закани, напади и прекршувања на мерките. Жената не смее секојпат од почеток да докажува дека е во опасност.
Барајте секоја нова закана да предизвика повторна проценка на ризикот. Жената мора да знае кој е задолжен за нејзината заштита, кому може да се јави и што ќе се случи ако насилникот повторно ѝ се приближи. Забраната за приближување мора да значи дека некој го следи нејзиното почитување и веднаш реагира кога е прекршена.
Ако центрите за социјална работа потфрлаат, обезбедете доволно стручни лица, дежурни тимови и јасна одговорност за водењето на случаите со висок ризик. Жената што се обидува да се спаси не може истовремено да биде и курир меѓу институциите. Некој мора да ја преземе координацијата и да остане со неа низ постапката.
Побарајте надзорна расправа за полицијата, социјалните служби, здравството и за координацијата со судовите и обвинителствата. Побарајте анализа на постапувањето пред секој фемицид, со заштита на личните податоци и јавно објавени препораки. Кога ќе се утврди пропуст, мора да се утврди и одговорност.
Ова е обврска и на вашите колеги пратеници. Заштитата на жените мора да има мнозинство во Собранието. Секој што гласа за буџет, за закон и за надзор учествува во одлуката каква заштита ќе имаат граѓанките.
МОН мора да разбере дека превенцијата почнува многу пред првата пријава
Институтот за родови студии при УКИМ побара враќање на поимот „род“ во наставната програма „Здравје и заштита на здравјето“. На таквото предупредување му е потребен сериозен стручен одговор. На децата им е потребно знаење со кое ќе ги препознаат нееднаквоста, контролата и родово базираното насилство.
Но, потребни им се и луѓе на кои ќе можат да им веруваат. Училишни психолози што имаат време да ги слушнат. Наставници што знаат да препознаат дека зад молчењето, повлекувањето или агресијата можеби стои страв од она што се случува дома. Јасни постапки за помош кога дете ќе каже дека некој ја повредува мајка му.
Детето што гледа насилство дома мора да чуе дека не е виновно. Дека не е негова задача да застанува меѓу насилникот и мајка си. Дека може да побара помош. И дека она што го гледа не е начин на кој треба утре да се однесува кон човекот што го сака.
Девојчињата и момчињата треба навреме да научат дека љубовта не дава право на контрола. Дека телефонот, облеката, пријателствата и движењето на партнерката не му припаѓаат на партнерот. Дека „не“ мора да се почитува. Дека заканата е причина да се побара заштита.
Владата треба да ја прогласи борбата против насилството врз жените за приоритет број еден и тоа да се види во буџетот. Во достапни засолништа. Во бесплатна правна и психолошка помош. Во поддршка за домување, вработување и грижа за децата.
Лесно е од безбедна позиција да се праша зошто жената не заминала. Многу потешко е да се замине без пари, со деца, без место за спиење и со закана дека ќе биде пронајдена. Државата мора да создаде услови во кои заминувањето е можно и безбедно.
Пратенички, бидете храбри и кога тоа ќе значи да ѝ се спротивставите на сопствената партија. Инсистирајте на седница, на рок, на пари, на одговор. Останете на оваа тема и кога камерите ќе заминат и кога јавноста ќе биде преокупирана со нешто друго.
Некоја жена вечерва го држи телефонот и размислува дали повторно да побара помош. Можеби веќе еднаш се вратила дома со уверување дека ќе биде заштитена. Можеби детето спие до неа, а таа се плаши да заспие.
Кога ќе се јави, мора да има кој да ѝ одговори. Кога ќе пријави, мора да има кој да ја заштити. Кога ќе замине, мора да има каде да оди.
Вие можете да бидете гласот на оние кои не се слушнати.

