Ива Михаилова побарала преку видеоконференциска врска од Бугарија да учествува на денешното рочиште пред судот во Кочани, каде што ѝ се суди за сообраќајна несреќа со загинато лице. Во интервју за Бугарската национална телевизија таа изјави дека нејзиниот адвокат поднел барање, но дека сè уште очекува одлука дали ќе ѝ биде овозможено такво учество.
На рочиштето се очекува да бидат разгледани две вештачења изработени по нарачка на одбраната. Михаилова тврди дека тие ја поткрепуваат нејзината невиност и покажуваат дека другото возило навлегло во нејзината сообраќајна лента. Станува збор за нејзино толкување на доказите, за кои треба да се произнесе судот.
Михаилова кажа и дека во Бугарија започнала лекување и рехабилитација, а дека постои можност да биде упатена во Израел.
„Ако лекарите не успеат тука, ме препраќаат во Израел“, изјави таа.
Според неа, последиците од повредата ѝ го отежнуваат секојдневието. Во интервјуто изнесе и обвинувања за полициско следење и претреси во Кочани, кои ги поврзува со нејзиното јавно изјаснување како Бугарка. Овие наводи се нејзини тврдења и во интервјуто не е приложена независна потврда за нив.
Михаилова, која има македонско и бугарско државјанство, во октомври замина во Бугарија додека против неа се водеше судска постапка и имаше ограничување за напуштање на земјата. Бугарското МВР тогаш потврди дека добило барање од ИНТЕРПОЛ – Скопје за нејзино меѓународно барање со цел апсење и екстрадиција. Македонското МВР соопшти дека нејзиното излегување од државата не било регистрирано во системот на граничната полиција.

