Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Дебитантски филм на Венинова, последниот филм на Форман и документарец за него, ТВ серија „Наследство“, книга на Сибо, концерт на Еfterklang

За претстојниот празничен викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме неколку наслови од филмот, телевизијата, музиката и литературата. Гледајте, слушајте, читајте…

Филмови: „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова; „Духовите на Гоја“ на Милош Форман

„Преекспонирано“ (Things Unsaid) е дебитантски долгометражен игран филм на Елеонора Венинова, со актерите Благој Веселинов, Камка Тоциновски и Сара Климоска во главните улоги. Во „Преекспонирано“ Венинова раскажува сторија за брачна двојка, Филип (Веселинов) и Ана (Тоциновски), која престојува во викенд куќа во Охрид, но нивниот мир и брачна „идила“ се нарушени од пристигнувањето на тинејџерката Маја (Климоска), ќерка на нивни блиски пријатели. Маја со нејзината потрага по младешкиот идентитет ја нарушува кревката емоционална рамнотежа меѓу Филип и Ана, па ќе мораат да ги преиспитаат односите во својот брак, односно неискажаните нешта.

„Преекспонирано“ е интимна камерна драма со своевиден омаж на аналогната црно-бела фотографија. Филмот имаше светска премиера во официјалната натпреварувачка програма на Cairo International Film Festival, Египе, во ноември 2022 година, а годинава учествуваше и фестивалите Pune International Film Festival, Индија, Dolina Miru KinEst Fest, Италија, Eurazja Film Festival, Полска…

„Преекспонирано“ е на репертоарот на „Синеплекс“, „Милениум“ и Конотеката во Скопје, „Киноверзум“ во Велес и во Свети Николе, и Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани.

„Духовите на Гоја“ (Goya’s Ghosts), игран филм (Шпанија / САД) на Милош Форман (Miloš Forman) од 2006, по сценарио на Форман и Жан-Клод Кариер (Jean-Claude Carrière), со Хавиер Бардем, Натали Портман, Стелан Скарсгард и Ренди Квејд (Javier Bardem, Natalie Portman, Stellan Skarsgård, Randy Quaid) во главните улоги, е последно играно дело на уникатниот филмски мајстор.

Приказната видена низ очите на шпанскиот сликар Франциско де Гоја (Стелан Скарскард) е сместена во периодот на укинување на Шпанската инквизиција и окупацијата на Шпанија од страна на Наполеон. Отец Лоренцо (Хавиер Бардем), таинствен и подмолен член на Инквизацијата кој е заслепен од младата муза на Гоја, Инес (Натали Портман), во моментот кога таа е неправедно обвинета за кривоверство и испратена во затвор, се решава на чинот што ќе им ги обележи животите засекогаш. Инес е обвинета дека проповеда јудаизам и станува трагичен плен на амбициозниот инквизитор, кој нема никакви скрупули кога во прашање е личниот интерес. И копнеж по Инес…

Форман ја носел идејата за Гоја уште од 1968 година кога ја напуштил Чехословачка по воената интервенција на СССР: теророт секогаш ќе го има, помалку или повеќе, во сите системи.

„Духовите на Гоја“ е на програмата на Кинотеката на 28 април (петок), 20:00 ч.

„Форман против Форман“ (Forman vs. Forman) е чешки документарен филм од 2019 на Јакуб Хејна и Хелена Трештикова (Jakub Hejna, Helena Třeštíková). Главниот критериум според кој тие снимале е дека мора да биде разбирлив не само за луѓето кои веќе се запознаени со ликот и делото на Форман туку и за оние кои за прв пат го среќаваат.

Намерата на филмот била да им покаже на странските гледачи како влијаело потеклото на Милош Форман врз неговиот живот и дело – неговото родно место во Бохемија (Чехословачка) и сите историски превирања низ кои помина неговата земја.

Трештикова смета најдобар филм од чешката фаза на неговото творештво е „Гори, моја госпоѓице“, бидејќи во него Форман ја довел темата на апсурдот и работата со натуршиците до совршенство. Во американската фаза тоа е „Лет над кукавичкото гнездо“, во кој успеал да ги искористи своите искуства од животот во тоталитарно општетсво и да ги изрази низ главната тема – потребата за слобода.

Наратор во филмот е синот на Милош, Петер Форман: авторите се одлучиле за него бидејќи Петер Форман има глас многу сличен на неговиот татко.

„Форман против Форман“ е на програмата на Кинотеката на 29 април (сабота), 20:00 ч.

ТВ Серија: „Наследство“ (Succession)

Приказната на ТВ серијата „Наследство“ (стартуваше во 2018) е фокусирана на ултра богатото семејство на медиумскиот магнат Логан Рој (Брајан Кокс) и борбата за контрола на медиумската империја. Четирите сезони балансираат на работ меѓу драмата, трагедијата и комедијата на апсурдот, а односите во токсичното семејство Рој постојано се трансформираат, сојузите се преуредуваат, макијавелистичките стратегии и воените тактики се менуваат.

Семејниот бизнис опстојува и покрај поделбите, предавствата, подметнувањата, правните проблеми, темните скандали, случајните убиства, политичкиот надзор, корпоративната шпионажа и непријателските обиди за преземање. Сепак, во четвртата сезона, чувството на напнатост е неподносливо, влогот е се поголем, а чувството за конечност станува реалност.

Четвртата сезона, како и самиот почеток на серијата, започнува со роденденот на немилосрдниот патријарх, но овој пат без присуството на неговите Кендал (Џереми Стронг), Шив (Сара Снук) и Роман (Киран Калкин), сега очигледно обединети во новооткриеното единство против таткото. Креаторот на серијата Џеси Армстронг (Jesse Armstrong) мајсторски си поигрува со пресврти, кои целиот актерски ансамбл толку убедливо ги толкува што „Наследство“ веќе го сместува во редот на најголемите драмски спектакли во историјата на телевизијата, како што се „Жица“, „Сопрановите“, „ Deadwooda “ или „Игра на тронови“…

„Наследство“ може да се гледа на HBO Max.

Книга: Роман „Зелениот дворец“ на Сибо

Романот „Зелениот дворец“ е роман – временска машина низ историјата на градот Скопје и неговата трансформација во дваесеттите и во шеесеттите години на минатиот век, и во сегашноста. Во фонот на урбанистичките промени на градот, поттикнати од различни човечки и природни влијанија, Петар – средовечен маж и научник од совремието – се чувствува како да не припаѓа на времето во кое живее и доживува необични случки што го поттикнуваат да ја продлабочи идејата за постоење на паралелни универзуми.

Привлечен од нејасна внатрешна сила, доаѓа до куќата-дворец во населбата Црниче во Скопје, изградена во дваесеттите години на 20 век на тогашната периферија на градот. Легендата вели дека таа куќа била опседната од духови и проколната, но за Петар ќе биде поаѓалиште кон неговото следно патување.

Романот е добитник на наградата за најдобар необјавен роман „Пегаз“ за 2022 година.

Сибо (алијас Дејан Сибиновски, музичар-член на етно-групата „Баклава“, писател и мултимедијален уметник) вели дека „…книгата ја напиша градот, вметнувајќи дел од приказните на неговите жители. Ова е книга за градот, за скопјаните, за скриени приказни на малите, но големи луѓе, за Ристиќева палата, за поплавата, земјотресот, за едно Скопје што веќе го нема и за Скопје што го познаваме. Оваа книга можеби не е само за една куќа, една мистерија, ниту за една љубов ниту за нечиј живот“.

Романот „Зелениот дворец“ е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Музика: Концерт на Еfterklang во Крушево

Музичката група Еfterklang од Копенхаген, Данска, престојува на музичка резиденција во Скопје од 23-29 април, каде во текот својот престој, во соработка со MAKEDONIUM BAND, составен од неколку локални музичари, работат на заедничка музика. Бендот го сочинуваат Мартина Баракоска, Дина Јашари, Јане Трајковски, Стефан Стојковски, Ива Дамјановски и Женскиот младински хор при МКЦ.

Нивното музичко дело, премиерно ќе биде изведено на 30 април (недела) во Крушево, пред споменикот Македониумот, на зајдисонце. Концертот ќе започне во 17:00 часот, а влезот е отворен за сите заинтересирани.

Еfterklang досега настапувал 3 пати во Македонија, со еден нивен самостоен концерт во Кино Фросина и два пати настапувале на фестивалот Здраво Млади во МКЦ. Концертот е поддржан од Гете институт и од Министерство за култура на РСМ.

(Избрал: С. Синадинов)

Зачлени се на нашиот е-билтен