Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Филм на Улрих Зајдл, роман на Господинов, музика на Гогољ Бордело, балкански стрип-караван во Велес, слики на Касиопеја Наумовска

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме по едно дело од музиката, литертурата, театарот, телевизијата и филмот. Гледајте, слушајте, читајте…

Филм: „Римини“ на Улрих Зајдл 

„Римини“ (Rimini) е долгоочекуваниот comeback на австрискиот режисер Улрих Зајдл  (Ulrich Seidl). Заедно со неговата сопруга Вероника Франц (Veronika Franz) ја потпишуваат сценаристичката креација на оваа мрачна и комична драма, со Михаел Томас, Теса Гетлихер, Ханс-Михаел Реберг (Michael Thomas, Tessa Göttlicher, Hans-Michael Rehberg) во главните улоги.

„Римини“ е суриов портрет на Ричи Браво (Михаел Томас), заборавена ѕвезда на крајот од својата кариерата и маж што спие со жени за пари. Некогаш популарна австриска поп-ѕвезда, Ричи сега живее во италијанскиот град Римини и преживува од стара слава. Финансиите за раскалашен живот исполнет со секс и зависност од коцкање ги обезбедува со одржување концерти во хотели, изнајмување на сопствената куќа на туристи, а им нуди и сексуални услуги на остарените обожавателки.

Иако не е рол-модел на некој скап жиголо за високата класа, има нешто чудно симпатично кај човекот кој не престанува да настапува. Неговиот свет почнува да се урива кога ќерката што не ја видел со години ќе го контактира со барање да ѝ ги даде сите пари што не ги платил за неа во текот на животот.

Римини, родниот град на Федерико Фелини, е локацијата на оваа слатко-горка сторија на Зајдл за славата што бледнее и за семејните врски. Најпознат по филмската трилогија РАЈ: ЉУБОВ, ВЕРА, НАДЕЖ (Paradise: Love / Paradies: Liebe; Paradise: Faith / Paradies: Glaube; Paradise: Hope / Paradies: Hoffnung; 2012/2013), Зајдл е лидерот на новиот австриски филм од почетокот на овој милениум, кој ги освои европските филмски фестивали. И во „Римини“, по обичај и без пардон, прави вивисекција на европското општество, преплетувајќи ги фикцијата и документарното, создавајќи уникатен авторски ракопис.

„Римини“ е на програмата на Кинотеката на 3 март (петок), 19:00 ч., и 4 март (сабота), 21:00 ч.

Книга: Романот „Засолниште во времето“ на Георги Господинов

„Одете во минатото, но оставете ја вратата отворена за да не заглавите таму“, порача писателот Георги Господинов на промоцијата на неговиот најнов роман „Засолниште во времето“ во Скопје пред извесно време.

Дали деменцијата во нејзината најпрогресивна, и, истовремено, најтажна форма – Алцхајмеровата болест, може алегориски, како писателска досетка секако, да се аплицира на општеството? Какви се последиците ако општеството почне да заборава, и доколку почне да „заскитува“ во ходниците на времето и дали е доволно паметно и ќе се досети да не ги затвора вратите зад себе, за да не остане заглавено во минатото?

Ова се само дел од прашањата што се тема на неговиот најнов, „тотален“ роман. Додека ги читате редовите што ги пишува Господинов во „Засолниште во времето“ ќе ви се појави една мисла која ќе ве следи од пасус во пасус, од лик во лик, во описите на „временските капсули“ во кој тој така сликовито ја опишува атмосферата на секоја временска епоха која што авторот сака да ја „конзервира“ за да не исчезне во заборавот, што ќе си речете – Како мене не ми текна за ова?

И не е тоа затоа што ќе го откриете скриениот писател во себе, туку заради неверојатната вештина на Господинов едноставните зборови да ги постави во нему својствен збороред за да добијат една нова димензија и визуелност која ви станува толку блиска како да произлегла од вашиот мисловен систем, желба, од вашите мечти, и на крајот, од вашата потреба тоа да го споделите со другите.

Ете така Георги Господинов ви се „пика под кожа“. И не само што се „пика“, туку има способност да ви остане таму подолго време со што предизвикува литературна зависност па со нетрпение ја чекате неговата нова книга.

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени книгите „Природен роман“, „И други приказни“ (и обете на Темплум), потоа „И сè стана месечина“ (Или-Или), како и збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), сите во превод на Никола Маџиров. Во последниве години авторот постигна успех и во САД, а позитивни рецензии за неговите дела излегоа во New Yorker, NY Times, Village Voice…

Неговиот најуспешен роман, „Физика на тагата“ (Или-Или, 2015) беше финалист на неколку европски и светски награди, меѓу кои: Premio Strega Europeo, Haus der Kulturen der Welt, Brücke Berlin Preis…

„Засолниште во времето“ во превод на Душко Крстевски го објави книгоиздателството „Или-Или“.

Музика: Гогољ Бордело

Гогољ Бордело (Gogol Bordello) се американски панк-рок бенд од источен Менхетен, Њујорк, формиран во 1999 година од музичари од речиси целиот свет. Познати се по своите театрични настапи и речиси постојаните турнеи.

Звукот на Гогољ Бордело е под огромно влијание на ромската музика со силни примеси на панк и даб.

Името на бендот е инспирирано од Николај Василевич Гогољ (Николај Василевич Гогољ (руски: Никола́й Васи́льевич Го́голь, украински: Мико́ла Васи́льович Го́голь; Сорочинци, 31 март 1809 — Москва, 4 март 1852), класичен писател со украинско потекло. Тој служи како идеолошка основа за групата, бидејќ успеал да ја „ппрошверцува“ украинската култура во руското општество, како што Гогољ Бордело се обидува да ја прошверцува ромската и источно европската музика во делот од светот во кој се говори англискиот јазик.

Својот прв неофицијален настап бендот го има во ноќниот клуб „Пиздец“, каде што набзро стануваат резидентен бенд, а фронтменот Јуџин Џуц, станува резидентен диџеј во клубот.

Гогољ Бордело имаат десетина албуми и учествуваат на исто толку компилации, останувајќи верни на својот космополитски дух, ромската и источно европската музика. Освен тоа, фронтменот Јуџин Хуц остварува и бројни соработки како онаа со Горан Бреговиќ на албумот Champagne Gypsies од 2012 година.

На 6. март Гогољ Бордело имаат настап во Греми музејот во Њујорк, а домаќин ќе им биде легендарниот режисер Џим Џармуш. Во текот на 2023 година Гогољ Бордело имаат закажано европска турнеја.

По почетокот на руската аргресија врз Украина, бендот (чии членови се, меѓу останатите и Украинци и Руси) активно се вклучи во прибирање поддршка и помош за бранителите на Украина, а против агресијата.

Избор на песни:

Gogol Bordello – Wonderlust King – https://www.youtube.com/watch?v=K3SUPPeuRdU

Gogol Bordello – Start Wearing Purple – https://www.youtube.com/watch?v=SkkIwO_X4i4

Gogol Bordello – Immigraniada – https://www.youtube.com/watch?v=aKpgb2WrGo0

Gogol Bordello – American Wedding – https://www.youtube.com/watch?v=aPfeOAhDfbM

Gogol Bordello – Pala Tute – https://www.youtube.com/watch?v=6LuREkiF_Hs

Стрип: Мултимедијалната патувачка изложба „CAN for Balkans“ со поставка во Велес

По Романија, Албанија, Белгија и Србија, токму Велес ќе биде центар на стрип културата во Македонија. Уметници и сценаристи, стрип теоретичари, професори, љубители на стрипот и гости од целата држава и Европа ќе имаат прилика да присуствуваат на отворањето на оваа изложба закажана за овој петок, 3 март, со почеток од 20 часот во Ликовниот салон во Велес.

Изложбата „CAN for Balkans” е составена од две тематски целини, од кои на првата се презентирани графичко-секвенцијални дела пристигнати на минатогодишниот меѓународен стрип-конкурс на тема „Балканот низ историјата”. На втората, која е резултат од повеќегодишните истражувачки студии за историскиот стрип на Балканот, изложени се најрепрезентативните историски стрипови на романски, српски, албански и македонски автори, односно на историски стрипови од земјите од каде што се партнерските организации на проектот. Посетителите ќе можат да ја посетат оваа изложба посветена на историјата на Балканот се до 27 Март.

За сите фанови на 9-тата уметност неколку настани и промоции како претходница на големото финале, со специјални гости – Н.Е. Андреа Силвестри, италијански амбасадор во Македонија, Александар Стеванов и Бошко Караџов.

Настанот е во организација на Стрип центар на Македонија како партнер во проектот CAN for Balkans, кофинансиран од Европската унија преку програмата „Креативна Европа“, а локални партнери се Општина Велес и ЛУ Народен музеј – Велес.

Отворање на 3 март (петок), со почеток од 20 часот во Ликовниот салон во Велес.

Ликовна изложба: Касиопеја Наумовска – 30 години творештво

Поводот за оваа изложба е тридецениското творештво на уметницата Касиопеја Наумовска.

Под насловот „Првите 30“, д-р Васко Шутаров во неговиот текст за каталогот на изложбата, меѓу другото пишува дека во уметноста, како и во љубовта, доволен е инстинктот.

„Да фрлиш светлина во срцeтo, тоа е повикот на уметноста… Силни причини создаваат силни дела!… Уметноста не е никогаш завршена, само за момент е напуштена… Одличниот уметник е најголемото благо на една нација…“

Отец Пимен за Наумовска пишува дека ако човек стори ниет да прогугла нешто за едно чудно и несекојдневно име како Касиопеја на кирилица, ќе се појават информации за едно далечно и сјајно соѕвездие кое го краси небесниот свод и за една наша сјајна уметница со тоа име, чии што слики красат ѕидови по изложби, галерии и приватни домови на колекционери и љубители на убавата уметност.

„Јас ќе напишам дека сме почестени што сме современици на Касиопеја, која несомнено е дел од она ѕвездено јато на прекрасни, талентирани и креативни сликари што Македонија ги дала. И пред да ѝ посакам на Касиопеја уште многу години плодна работа со многу испразнети туби боја и истрошени четки и шпакли и оставени подзинати фаци на нејзината публика, би сакал тука да ја споделам нашата конверзација за да го напишам овој текст. Кратка и искрена од двете страни.“

Отворање на изложбата на 10 март (петок) со почеток во 19 часот во Галеријата на Кинотеката.

Избрале: С.С., З.Б., В. Л.

Зачлени се на нашиот е-билтен