Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Филмски класици на Форман и Жене, нов роман на Горан Војновиќ, адреналинот на ТВ серијата „Вистински детектив“

За претстојниот празничен викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме неколку наслови од филмот, телевизијата и литературата. Гледајте, слушајте, читајте…

Филм: „Чудесната судбина на Амели Пулен“ (Le Fabuleux destin de Amélie Poulain / Amélie), француско германски игран филм од 2001 година, во траење од 122 минути (колор/црно-бел), во режија на Жан-Пјер Жене (Jean-Pierre Jeunet), со Одри Тоту, Матје Касовиц, Руфус, Лорела Кравота, Серж Мерлан и Жамел Дебуз (Audrey Tautou, Mathieu Kassovitz, Rufus, Lorella Cravotta, Serge Merlin, Jamel Debbouze) во главните улоги, е еден од филмвите кои го одбележаа почетокот на филсмиот 21. век.

Ако додадеме дека наредниве денови имате можност да го видите на 35 мм лента во Кинотеката, тогаш филмофилското задоволство е веќе извесно…

Сторијата говори за младата девојка од Париз, Амели Пулен (Тоту), која живее во свој свет. Имала необично детство со сенката на родителите која сè уште ја следи: мајката Амандин загинала во бизарна несреќа, а таткото, докторот Рафаел, погрешно констатирал дека Амели боледува од срцева слабост. Одраснувајќи, Амели развила бујна фантазија, и на 20-годишна возраст работи како келнерка во кафуле на Монмартр, чиј сопственик е поранешен циркузант.

Еден ден во нејзиниот стан ќе пронајде кутија полна со спомени, кое ја чувало некое дете пред неколку децении. Амели ќе го пронајде сопственикот, сега средовечен маж, и ќе му ја врати кутијата. Охрабрена од тој мал успех, Амели ќе посака да прави нови „мали“ добри дела, но животот дополнително ќе и се закомплицира кога ќе се вљуби во Нино (Касовиц), необичното момче кое работи во продавница за порно филмови и сексуални помагала.

Филмот на Жене – автор и на „Деликатесна продавница“ и „Алиен: Воскресение“ –  во 2002 година беше номиниран за пет „Оскари“, како и за по две награди БАФТА и „Златен глобус“. „Амели“ ја лансираше Тоту како глобална актерска ѕвезда, која настапи во „Кодот на Да Винчи“ и „Коко пред Шанел“.

Проекциите на „Чудесната судбина на Амели Пулен“ се на 24 април (понеделник), 20:00 ч. и 29 април (сабота), 18:00 ч. Во Кинотеката.

Филм: „Лет над кукавичјото гнездо“ (One Flew Over the Cuckoo’s Nest), американски игран филм од 1975 година, во времетраење од 133 минути (колор) на Милош Форман (Miloš Forman), со Џек Николсон, Луис Флечер, Вил Сампсон, Вилијам Редфилд, Бред Дјуриф, Сидни Ласик (Jack Nicholson, Louise Fletcher, Will Sampson, William Redfield, Brad Dourif, Sydney Lassick) во главните улоги, е првиот глобален успех и потврден класик на славниот чешко-американски автор.

Снимен според истоимениот култен роман на Кен Киси (Ken Kesey), еден од битните автори во ерата на контракултурата и бит-прозата, „Лет над кукавичјото гнездо“ е алегорична црнохуморна сторија за човекот и слободата. Рендал Мекмарфи, наречен Мек Николсонј), е осуден со релативно блага казна поради секс со малолетничка, но не сака да ја издржува со принудна работа, па  почнува да глуми дека е психички неурамнотежен, и е префрлен во психијатриска установа, каде што мисли дека ќе биде на продолжен лефтерен годишен одмор.

Бесчуствителната Милдред Речед (Флечер) е главна сестра на одделението, и Мек веднаш се судира со нејзините авторитарни практики. Поголемиот дел од пациентите на нејзиното одделение се таму по доброволен избор, но Речед ги држи во апсолутна покорност. Бунтовниот Мек започнува со провокации, а потоа ги охрабрува и другите пациенти да се спротивстават на методите на Речед. Пациентите меѓу кои се и суицидалниот Били Бибит, молчаливиот горостас Индијанецот Бромден, темпераментниот Мартини… во Мек гледаат олицетворение на нивната длабоко прикриена храброст да му се спротивстават некому. Нивниот судир со психијатриското одделение веќе прераснува во судир на единката со системот.

„Лет над кукавичјото гнездо“ освоил „Оскарите“ во главните категории – најдобар филм, режија, главна машка и женска улога, адаптирано сценарио, како и дузина „Златни Глобуси“ и наградиу БАФТА.

Проекцијата на „Лет над кукавичјото гнездо“ е на 25 април (вторник) во 18:00 ч. во Кинотеката.

Книга: Роман „Ѓорѓиќ се враќа“ на Горан Војновиќ

Марко заминал да живее во Босна и ја заменува судбината на „чефур“ во Словенија со „Јанез во Босна“, згора на тоа и Србин, а потоа се враќа во Фужине. Може само да спознае дека е „вонземјанин“, и во Словенија и во Босна, затоа што во овој крајно поделен и разграничен свет не е можно да биде ништо друго.

Новиот роман „Ѓорѓиќ се враќа“ на регионалната книжевна ѕвезда Горан Војновиќ е сторија за Марко Ѓорѓиќ, „чефур“ во Фужине. Чефур е погрден словенечки израз за дојденците јужно од Словенија (Србија, Хрватска, БиХ, Македонија, Косово….).  

Горан Војновиќ (1980, Љубљана) е словенечки режисер, писател и колумнист. Автор е на романите: Јужњаци, марш! (2008), Југославија, моја дежела (2012), Смоква (2016), трикратен добитник на престижната национална словенечка книжевна награда „Кресникова награда“, како и на повеќе меѓународни книжевни признанија, меѓу кои и наградата „Ангелус“ за 2020 година.

Преводот од словенечки јазик е на Давор Стојановски.

„Ѓорѓиќ се враќа“ е издание на „Или-Или“ (поддржано од мрежата ТРАДУКИ).

ТВ серија: „Вистински детектив“

Долговечната серија на HBO неодамна го објави трејлерот за четвртата сезона, со најавата дека гостинска ѕвезда ќе биде Џоди Фостер, која се враќа на малите екрани по повеќегодишна пауза. Во сезоната која е снимана на Исланд, како „дубл“ на Алјаска каде што се одвива дејството, Фостер и Кели Рејс се новата детективската двојка.

Дејството на четвртата сезона (ќе) се одвива во Арктичкиот круг на Алјаска, каде што се случува мистериозното исчезнување на шест работници кои раководат со арктичката истражувачка станица. Детективките ќе се обидат да ја решат оваа ситуација, но нивните планови ќе бидат нарушени поради серија сомнителни злосторства.

Љубителите на крими-сериите во очекување на оваа сезона можат да ги погледнат досегашните три сезони на „Вистински детектив“ (True Detective), која започна со прикажување во 2014 година. Набргу по првата сезона „Вистински детектив“ беше рангирана меѓу најгледаните серии од продукцијата на HBO. Секоја сезона носи сосема поинаква мистерија и нови детективски приказни.

Сторијата на првата сезона се случува во Луизијана, САД, и ги следи двајцата детективи (Метју Меконахи и Вуди Харелсон), чии животи се испреплетуваат за време на 17-годишната потрага по сторителот на едно бизарно убиство во 1995 година, кое повторно се истражува во 2012 година.

Во втората сезона едно бизарно убиство спојува тројца полицајци и еден криминалец, па секој од нив мора да се снајде низ мрежата од завери и предавства во пустите предели на Калифорнија. Колин Фарел и Винс Вон ги играат главните улоги, а Рејчел Мекадамс е Ени Безерајдс, детективка која често е во конфликт со системот на кој му служи, додека Тејлор Кич го игра Пол Вудру, воен ветеран и полицаец од Калифорнија. Истрагата вклучува три полициски служби, повеќе криминалци и милијарди долари.

Во третата сезона оскаровецот Махершала Али го игра Вејн Хејс, пензиониран детектив кој повеќе од 35 години е прогонуван од еден случај на исчезнување на 12 годишно момче и на неговата десетгодишна сестра во градчето Вест Фингер.

Избрал: С. Синадинов

Зачлени се на нашиот е-билтен