За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме по едно дело од музиката, литературата, филмот и изложба на истражувачки проекти. Гледајте, слушајте, читајте…
Музика: ПМГ Колектив – Најголеми хитови
„ПМГ Колектив не е бенд. ПМГ Колектив е љубовно-музичка авантура“. Вака себеси се опишува музичкиот состав кој, додава своја посебна нијанса на современата македонската музичка сцена веќе со децении. Колективот ПМГ никогаш не се стремел да биде сакан од сите, ниту слушан од сите, за нив секогаш било побитно да останат верни на вредностите и естетиката за кои сами велат дека живот им значат.
Бендот постои грубо (или лабаво) од 2000-та година, а првата објавена песна е Скопјанка во 2003. Во понеделник, на трети април, ќе се појави и нова верзија и видео за Скопјанка – 20 години подоцна, или Скопјанка 2023. Низ фазите на постоење, во ПМГ членувале многу македонски музичари, но како најприсутни и посветени на бендот се издвојуваат Мирко Попов, Синиша Ефтимов и Александар Гавровски. Последниов период опусот на ПМГ Колектив вклучува девет албуми, неброени синглови, ремикси, преработки, музика за театар и филм, а и неколку компилациски изданија. Секогаш посветени на саканото Скопје, втор дом на ПМГ е Битола, секогаш дел од глобалните музички појави, креираат автентичен звук изграден врз локалниот контекст во кој живеат и творат.
Нивниот Greatest Hits албум, вклучува хитови создадени во последните двесет години. Имено, Скопјанка, Манекенки, 80ти, 90ти, Сомнително лице, Луѓе од градови, Ти си мојот свет… Сите овие песни одбележаа одредени периоди во развојот на бендот, но во исто време се запис за состојбите и појавите во урбаната (суб)култура во Македонија на почетокот на 21виот век.
Музиката на ПМГ Колектив не смее да се каталогизира, или проучува. Тие се прилично жив и жилав бенд кој е далеку од „рикнување“ или криза на идентитетот, бенд од кој се очекува уште.
За албумот со најголемите хитови самите велат дека е „есенцијална колекција на музика, која сосем лирично, на ниво на поп комуникација, отсликува една позитивна, полна со љубов за живот, современа македонска аспирација кон Универзумот“.
Албумот ќе биде достапен како двоен винил, но и за електронско симнување на следниов ЛИНК.
Во исчекување на Greatest hits албумот, ви препорачуваме за слушање:
ПМГ Колектив – 80ти – https://www.youtube.com/watch?v=P_xIwUz39ek
ПМГ Колектив – Луѓе од градови – https://www.youtube.com/watch?v=OhMZV3v4Mpc
ПМГ Колектив – Ти си мојот свет https://www.youtube.com/watch?v=63DSlOUBya4
ПМГ Колектив – Култура https://www.youtube.com/watch?v=Ny3x1h_O44E
(Васко Лазаревски)
Книга: „Мојот последен здив“, автобиографија на Луис Буњуел
Кинотеката на Македонија неделава го промовираше своето најново печатено издание, автобиографијата на големиот шпански режисер Луис Буњуел (1900-1983), насловена „Мојот последен здив“, со што ова значајно дело конечно ќе стане достапно на македонски јазик.
Се работи за книга на еден од најзначајните режисери во историјата на филмската уметност, напишана пред самиот крај на неговиот живот, во Мексико, во сорабиотка со францускиот писател и сценарист Жан-Клод Кариер, негов соработник, косценарист на сите филмови од последната, „француска“ етапа во кариерата. Автобиографијата e која е поделена на дваесетина хронолошки подредени поглавја и за првпат е објавена на француски јазик, во Париз, во 1982 г.
„Иако е лична исповед на еден исклучителен човек, на еден голем уметник, истовремено претставува и многу интересно документаристичко и историско сведоштво за цела една епоха, која се протега речиси преку целиот XX век. Во неа постојано се испреплетуваат исечоците од животот и сеќавањата на драматичните историски настани, со сеќавањата поврзани со творештвото, со филмовите – со еден збор, во неа, разбирливо, постојано се испреплетуваат животот и филмот“, пишува д-р Атанас Чупоски во предговорот на изданието.
Уште со неговиот првенец, филмот „Андалузиски пес“, реализиран со сликарот Салвадор Дали, надреализмот како уметнички правец добива една друга димензија. Но, не само надреализмот, бидејќи подоцнежните филмови на Буњуел, не е претеранио да се напише, постојано влијаеја на светската кинематографија, менувајќи ја револуционерно.
Ако може да постои еден, само еден термин, што го обележува творештвото и животот на Буњуел, тогаш тоа е – противречност. Професорот-естетичар Иван Џепаровски вели: „Преку неговиот прочуен однос кон религијата што најдобро се епитомизира преку неговиот исказ ’Фала му на Бога сѐ уште сум атеист‘ гледаме каков е и неговиот однос кон религијата“. За него ова е книга која е силно обременета со прашањето на сеќавањето, помнењето, а со тоа и со прашањето на личното доживување.
Во „Мојот последен здив“ ја следиме хрониката не само на француските и шпанските уметници, туку таа е вистински мозаик на светскиот филм и неговите автори, во кој Буњуел е само едно камче. Едно од најсјајните. Затоа е излишно овде да се набројуваат филмовите на Буњуел или да се прави листа на најдобрите од нив: тоа можете да го откриете во неговата автобиографија.
БОНУС ВИДЕО: „Андалузиски пес“ како загревање за читањето на автобиографијата и гледањето на филмовите на Буњуел.
„Мојот последен здив“ може да се набави во Кинотеката на Македонија.
(С.С.)
Изложба: Вселена.Човек.Интелигенција.
Интерактивна изложба за млади насловена „Вселена.Човек.Интелигенција.“, која Гете-институт во соработка со друштвото Макс Планк ја прикажува ширум светот, ќе може да се посети во изложбениот простор на Културно информативниот центар во Скопје од 3 до 28 април.
Изложбата ги претставува сегашните и идните истражувачки проекти од Германија и поставува значајни прашања кои се однесуваат на нас како жители на Земјата и на кои ние се обидуваме да одговориме: Од каде доаѓаме? Каде одиме? Што не прави да бидеме луѓе?
Целта на изложбата е на сите заинтересирани за Германија и германскиот јазик да им покаже дека истражувањето во Германија ужива висок статус и е важен дел од германската култура, и ја поттикнува љубопитност за истражување на различни полиња и стимулира размислување за научни и општествени теми.
Бонус: За време на изложбата ќе се нудат и презентации на можности за студирање во Германија, кариерно советување, предавања од членови на друштвото Макс Планк и други настани наменети за млади.
Културно-информативен центар, 3 април – 28 април 2023 година
(С.С.)
Филм: „Коса“ на Милош Форман
Конечно! Април ќе биде месец на Милош Форман (Miloš Forman) во Кинотеката на Македонија, во чија киносала ќе бидат прикажан поголемиот дел од неговата филмографија, односно избор од 10 наслови.
Првиот филм што хронолошки ви го препорачуваме е „Коса“ (Hair), по сценарио на Мајкл Велер (Michael Weller), со Џон Севиџ, Трит Вилијамс, Беверли Д’Анџело, Ени Голден, Дорси Рајт, Дон Дакјус (John Savage, Treat Williams, Beverly D’Angelo, Annie Golden, Dorsey Wright, Don Dacus) во главните улоги. Двочасовна прослава на слободата, што и да се подразбира пот тој термин.
Во средината на 1960-тите години младиот Клод Буковски заминува од родната Оклахома во Њујорк, со намера да се пријави во американската армија и да војува во Виетнам. Во Централ Парк запознава група хипици, млади момци и девојки чиј животен стил му е потполно туѓ. Нив ги предводи енергичниот и харизматичен Џорџ Бергер, а во хипи дружината е и убавата Шејла Френклин, девојка од повисокиот граѓански слој која ја напуштила малограѓанската удобност, и веднаш ќе го привлече Клод.
Клод, сепак, е американски провинцијалец со силни „патриотски“ чувства, па решава да продолжи во Невада, на воената обука пред заминувањето во Виетнам. Бергер и неговата хипи дружина решаваат да го изненадат Клод и го посетуваат во Невада, со луда мисија да му обезбедат уште едно деноноќие на слобода. Но, војската објавува тревога…
КОСА е една од најуспешните екранизации на бродвејските мјузикли и веројатно најпознатиот филм за хипи културата доминантна во САД и Западот во 1960-тите и 1970-тите години. Музиката на Галт МекДермот (Galt MacDermot) и текстовите на Џером Регни и Џејмс Радо (Gerome Ragni, James Rado) од мјузиклот, премиерно изведен во 1968, изнедрија дузина евергрин сонгови – „Let the Sunshine In“ и останатите.
КОСА доби десетина награди, но побитно е што Форман направил филмски хит за сите времиња, спојувајќи ја „чешката школа“ од 60-те, чиј маркантен предводник е, и бродвејскиот мјузикл.
„Коса“ е на програмата на Кинотеката на 5 април (среда), 20:00 ч., и 13 април (четврток), 20:00 ч.
(С.С.)