Глобалната побарувачка за нафта и гас би можела да се зголеми до 2050 година, соопшти Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), менувајќи ги своите претходни очекувања за брз премин кон почисти горива и предвидувајќи дека светот веројатно нема да ги исполни климатските цели.
ИЕА, надзорникот за енергетска безбедност, во последниве години е под притисок од САД поради нејзиниот фокус на политиките за чиста енергија, бидејќи претседателот Доналд Трамп ги повика американските фирми дополнително да го прошират производството на фосилни горива.
Под администрацијата на Џо Бајден, ИЕА предвиде дека глобалната побарувачка за нафта оваа деценија ќе го достигне својот врв и дека нема да бидат потребни понатамошни инвестиции во нафта и гас ако светот сака да ја исполни својата климатска цел.
Министерот за енергетика на Трамп, Крис Рајт, проекциите на ИЕА за врвната побарувачка ги нарече „глупости“.
ИЕА е финансирана од земјите-членки, при што САД придонесуваат најмногу. Енергетската политика на владите и компаниите ширум светот се базира на нејзините анализи и податоци.
Во својот годишен извештај за светската енергија, ИЕА предвиде дека според сегашното сценарио на политиките, побарувачката за нафта до средината на векот ќе достигне 113 милиони барели дневно, што е околу 13 проценти повеќе од потрошувачката во 2024 година.
Се предвидува дека глобалната побарувачка за енергија ќе порасне за 90 ексаџули до 2035 година, што е зголемување од 15 проценти од сегашните нивоа. Сегашното сценарио на политика ги зема предвид постојните владини политики, а не аспирациите за климатски цели.
ИЕА за своите пргонози од 2019 година, последен пат користеше „тековно сценарио на политика“, а од 2020 година се префрли на прогнози што се повеќе во согласност со транзицијата кон чиста енергија и ветувањата да достигне нето нулта емисија до средината на векот.
Овогодишните прогнози го изоставија ветувачкото сценарио. ИЕА соопшти дека планирала да ги процени новите климатски цели на земјите за периодот од 2031 до 2035 година, но дека тие не биле одобрени од доволен број земји за да се обезбеди значајна слика.
Во сценариото за политика на ИЕА, кое ги зема предвид политиките што се предложени, но не се нужно донесени, побарувачката за нафта, врвот го достигнува околу 2030 година. ИЕА наведува дека нејзините сценарија истражуваат низа можни исходи под различни претпоставки и не претставуваат прогнози.
Капацитетот на течен природен гас (ЛНГ) значително ќе порасне
Според извештајот, конечните инвестициски одлуки за нови проекти за течен природен гас нагло се зголемија во 2025 година. До 2030-та година се очекува да започнат операциите за околу 300 милијарди кубни метри нов годишен капацитет за извоз на течен природен гас, што претставува зголемување од 50 проценти во достапната понуда.
Поттикнат од растечката побарувачка во енергетскиот сектор поради растот на центрите за податоци и вештачката интелигенција, глобалниот пазар на течен природен гас (LNG) се зголемува од околу 560 милијарди кубни метри во 2024 година на 880 милијарди кубни метри во 2035 година и 1020 милијарди во 2050 година.
Во извештајот пишува дека се очекува глобалните инвестиции во центрите за податоци да достигнат 580 милијарди долари во 2025 година, при што во него е истакнато дека доколку се постигне тоа, ќе бидат надминати, глобално потрошените 540-те милијарди долари на годишно ниво.
Извештајот, исто така, вклучува сценарио кое го покажува патот кон намалување на глобалните емисии на енергија на нула до 2050 година.
На состанокот за климата во Париз во 2015 година, повеќе од 190 земји ветија дека ќе се обидат да спречат затоплување на светот за повеќе од 1,5 степени.
Но, извештајот покажува дека во сите сценариоја ќе бида надминат ваквиот праг, бидејќи температурите би можеле повторно да паднат само под 1,5 °C и тоа доколку се воведат технологии што можат да го отстранат јаглерод диоксидот од атмосферата.

