Глува недела – време покајание и духовно продлабочување

Со влегувањето во петтата недела од Велигденскиот пост, православните верници зачекоруваат во период познат како Глува недела – време на молчание, покајание и духовно преиспитување. Овој период го добил своето име бидејќи поголемиот дел од постот веќе поминал, а сега следува време на внатрешна тишина, т.н. „мртво време“, во кое човекот се свртува кон себеси и кон Бога.

Оваа седмица е посветена на преподобната Марија Египетска, жена која во младоста живеела во грев, но доживеала длабок пресврт во животот. Според преданието, таа заминала во Ерусалим, но не можела да влезе во храмот – невидлива сила ја спречувала. Длабоко потресена, таа се помолила пред иконата на Богородица и дала завет дека ќе го напушти стариот живот. Потоа заминала во пустина, поминувајќи десетици години во строга аскеза и покајание.

Во последните мигови од нејзиниот живот, старецот Зосим ја нашол и ѝ причестил. Следната година, кога повторно дошол во пустината, ја нашол почината, а според преданието, лавови го ископале нејзиниот гроб. Нејзиниот живот е поука за силата на покајанието и Божјата милост, а нејзиниот подвиг се чита за време на Великопосниот канон на Андреј Критски.

Глувата недела носи строги правила – црквата забранува веселби, музика, песни и забави. Верниците избегнуваат патувања, не се започнуваат големи работи, а дури и добитокот не се изнесува на пасишта. Овој период е повик на тишина – надворешна, но и внатрешна – за да се овозможи продлабочена духовна подготовка пред последните недели на Великиот пост.

За да ги поттикне верниците на посветеност и духовна будност, црквата во оваа седмица нуди посебни богослужби, особено во четврток, сабота и недела. Во среда вечер, за време на великопосното бдение, се пеат 24-те покајнички строфи на Великиот канон со завршните зборови: „Господи, пред да загинам, спаси ме!“

Во четврток утрината се чита целиот Велики канон и житието на преподобната Марија Египетска, потсетувајќи ги верниците на силата на духовната преобразба и можноста за нов почеток.

Глувата недела е потсетник дека вистинската подготовка за Велигден не се состои само во надворешното воздржување од храна, туку пред сè во очистувањето на срцето и умот – преку тишина, смиреност и длабока молитва.

Зачлени се на нашиот е-билтен