Гоци: Мора да ја реформираме Унијата за да ја обединиме Европа 

Одлуките за старт на преговорите, за нивно затворање и за одобрување на прием на нова земја членка, и натаму ќе се решава по принципот на консензус, вели Гоци

Вистинското прашање денес не е дали Европската Унија треба да се прошири, туку како да се обезбеди проширувањето да ја зајакне нашата Унија, порача известувачот на Европскиот парламент по Извештајот за парламентарната дебата „Институционални последици од преговорите за проширување на ЕУ“, францускиот европратеник Сандро Гоци. 

„Цената на неактивноста би била превисока. Реформата повеќе не е избор, туку неопходност. Обединувањето на континентот и реформите мора да одат рака под рака. На секоја историска одлука и претходела внатрешна реформа“, истакна Гоци во обраќањето на дебатата. 

Според него, Договорот од Лисабон досега беше доволен за прием на нови членки, но ако сега Унијата сака понатаму да се шири потребна и е нова димензија.   

„Мора да ја реформираме Унијата за да ја обединиме Европа. Овој извештај го покажува патот напред на многу прагматичен начин. Тој функционира. Тој нуди јасна насока за Унија која ќе дејствува побрзо и ќе зборува со еден глас“, додаде либералниот европратеник.  

Според него, за да се обезбеди ефикасност во ЕУ потребно е да се премине на одлучување со квалификувано мнозинство во повеќе области, вклучително и за проширувањето, со што би се избегнале блокади и побрзо би се носеле одлуки.  

„Но, сакам да бидам многу јасен, извештајот предлага користење на гласање со политичко мнозинство само за меѓуфазите во пристапниот процес за одлучување за технички или секторски прашања. Не може да продолжиме да зависиме од вета“, потенцира Гоца. 

Тој нагласи дека не може да се дозволи преговарачкиот процес да се блокира со вета на секоја од 150-те точки од преговорите за технички или секторски прашања и ако се сака негово забрзување тогаш се потребни промени. 

Сепак, според него, за клучните прашања, како одлуките за старт на преговорите, за нивно затворање и за одобрување на прием на нова земја членка, и натаму ќе се решава по принципот на консензус.  

„Сите мора да се согласиме да прифатиме нова членка во клубот и затоа не треба да им ја одземаме моќта од земјите членки“, рече Гоци. 

Тој нагласи и дека целиот процес на проширување не треба да се ограничи само на Брисел, туку во дебатата по него треба вклученост и на главните градови, националните парламенти и општествата на земјите членки, со што ќе се испрати сигнал за поголемо единство и решителност. 

„Има промени што може да се избегнат, но и реформи кои се неизбежни. Ако навистина сакаме силна и пообединета Европа, мора да си ја завршиме домашната задача“, заклучи Гоци. 

Според него, ако ЕУ сака да го обедини континентот, ќе мора да се реформира, бидејќи без реформирање таа не ќе може да функционира во проширен обем. 

„Значи или ние ја лажеме Украина, го лажеме Западниот Балкан и велиме секако дека ве сакаме во европското семејство, а во меѓувреме не ја подготвуваме куќата, што претставува лажење, или сме сериозни во врска со проширувањето. Ако сме сериозни во врска со проширувањето мора да ја завршиме нашата домашна задача, како што бараме и од кандидатите да ја завршат нивната домашна задача“, додаде Гоци. 

Од тие причини, според него, Унијата треба да се реформира и да се подготви да стане поефикасна, помоќна и подемократска, затоа што тоа им го должи на своите граѓани и затоа што на тој начин ќе покаже дека е сериозна и веродостојна. 

„Би сакал да потсетам дека европскиот проект, гледано од самиот почеток, беше наменет да го обедини континентот. Од самиот почеток тоа беше проект за сите граѓани на нашиот континент и затоа мора да го реализираме“, додаде Гоци. 

Во текот на дебата повеќето европратениците се изјаснија во корист на реформите на ЕУ и промени на процедурата за носење одлуки во процесот на проширување, посочувајќи дека не треба да се дозволи билатералните прашања да го блокираат пристапниот процес. Од друга страна, дел од пратениците, пред се оние од редовите на екстремната десница, се спротивставија на идејата за премин кон мнозинско одлучување наместо со консензус, водено изразувајќи противење и на самиот процес на проширување и прием на нови членки. 

Зачлени се на нашиот е-билтен