Годинава, годишниот конкурс на Министерството за култура поминува во знакот на технички проблеми, нервозни апликанти и повторливи пораки: „Систем ерор 500“.
И додека институциите зборуваат за дигитална трансформација, културните работници сведочат за дигитална фрустрација.
Од почетокот на конкурсот, бројни апликанти се жалат дека платформата не ги препознава документите прикачени во апликацијата, не ги чита матичните броеви, а системот често „пука“ при последниот чекор на поднесување. Контакт-линијата на е-услуги, велат апликантите, е љубезна – но не и од особена корист. „Проблемот ќе се проследи до Министерството“, е најчестиот одговор, а таму, пак, реакцијата е речиси стандардна: „Секогаш нешто е до вашата апликација. Прикачете ги одново сите документи, одјавете се, најавете се повторно.“
Но по тоа, ништо.
Како што велат од е услуги, годинава пристигнал рекорден број од 800 до 900 апликации – и речиси исто толку поплаки за процесот на аплицирање. Проблемот не е само технички, туку системски: кога културата се потпира на алатка што не функционира, дигитализацијата станува бариера, наместо поддршка.
Во време кога државата ја промовира „е-администрацијата“ како иднина, оваа ситуација покажува дека без навремено одржување, транспарентност и техничка подготвеност, секој дигитален чекор може да се претвори во пад.
И така, додека културните работници се борат да ја поднесат апликацијата, Министерството останува без важен одговор: како да се создава култура во систем што постојано јавува – „Error 500“?
Рокот за поднесување на апликациите истекува за еден час!
 
				 
				 
															