Драматична ноќ во Загорје во Хрватска, каде индустриската зона кај градот Забок повторно покажа колку е тенка линијата меѓу рутинско складирање отпад и потенцијална еколошка катастрофа. Жителите беа разбудени од итни аларми на телефоните, а повеќе од 60 пожарникари со часови се бореа со пламените јазици во објект на компанијата CIAK, која се занимава со складирање и третман на опасен отпад.
Пожарот избувнал синоќа, 12 декември, околу 23 часот, во местото Губашево во близина на Забок. Станува збор за објект на CIAK во индустриска зона, во кој се сместени хали и погон за рециклирање акумулатори и опасни хемикалии. Според локалните пожарникарски служби, во еден момент целата зграда била зафатена од оган, а на терен биле ангажирани повеќе од 60 пожарникари од јавната станица во Загорје и уште неколку доброволни друштва од околните места.
Претседателот на Противпожарната заедница на Крапинско-загорската жупанија, Стјепан Скулибер, соопшти дека пожарот е ставен под контрола, но не е целосно изгаснат. Дел од екипите останале на терен со неколку возила за да продолжат со догасување во внатрешноста на објектот и да спречат повторно разгорување. Притоа, дел од покривната конструкција се урнала, а материјалната штета сè уште се проценува.
Поради сериозноста на инцидентот, ноќеска бил активиран и системот HR112 ALERT. Околу 3:30 часот наутро, жителите на Хрватско Загорје добиле предупредувачка порака на телефон – на англиски и германски јазик, а преку СМС и на хрватски – со јасна препорака да ги затворат прозорците, да не излегуваат непотребно и да не се приближуваат до зоната на пожарот. За населението во радиус од неколку километри било препорачано да го следи само официјалното информирање на надлежните служби.
На местото на настанот бил повикан и Наставниот завод за јавно здравје „Д-р Андрија Штампар“, чии стручни тимови вршат мерења на квалитетот на воздухот во кругот на фабриката, како и во околните населени места Забок, Орославје и Велико Трговишче. Резултатите од анализите, кои треба да покажат дали и во кој обем има штетни честички и потенцијално загадување, ќе бидат објавени во текот на денот, најавија локалните власти.
Локални работници за хрватските медиуми опишуваат дека токму во овој погон се складира дел од најопасниот хемиски отпад што го произведува домашната индустрија, што дополнително го зголемува вниманието кон еколошките последици од пожарот. Засега нема информации за повредени лица, а полицијата известува само дека интервенцијата на пожарникарите е во тек и дека причините за избувнувањето на огнот ќе се утврдуваат по завршување на гаснењето и увидот.