Најмалку четири лица загинаа, а 19 се повредени во синоќешниот масовен руски напад со ракети и беспилотни летала врз повеќе делови на Украина, соопшти Kyiv Independent. Нападот најсилно ги погоди Киев и Лавов, а меѓу жртвите има и болничар, загинат при таканаречен „двоен удар“.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, потврди дека 14 од повредените се хоспитализирани, додавајќи дека во киевскиот округ Дарницки загинал еден болничар, додека уште четворица биле повредени додека им помагале на настраданите граѓани. Нападите зафатија повеќе градски квартови.
Според локалните власти, станбени згради во населбите Печерск и Десњански претрпеле оштетувања од дронови и нивни фрагменти, додека пожар избувнал во квартот Шевченковски. Во Дарницки округ дрон се урнал во дворот на станбен објект, оштетувајќи околни згради, а во Дњипровскиот округ пожари зафатиле две станбени згради.
Ударните бранови оштетиле и кров на уште една зграда, а делови од проектили паднале и врз детско игралиште. Поради нападите врз критичната инфраструктура, делови од главниот град останале без струја и водоснабдување.
Во текот на ноќта, Русија извршила ракетен напад и врз Лавов, најголемиот град во западна Украина, при што била целена критична инфраструктура, соопшти градоначалникот Андриј Садовиј. Украинската армија информира дека проектилот – чиј тип сè уште не е официјално потврден – бил лансиран од полигонот Капустин Јар, во руската Астраханска област.
Западната команда на украинските воздухопловни сили подоцна потврди дека нападот бил изведен со балистичка ракета, која се движела со брзина од околу 13.000 километри на час. Типот на ракетата ќе биде утврден по детална анализа на нејзините остатоци.
Само неколку часа пред нападот, украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија подготвува нов масовен удар.
„Постојат информации дека вечерва е можен уште еден голем руски напад. Многу е важно да се внимава на воздушните тревоги денес и утре и секогаш да се оди во засолништа. Русите не се променија – се обидуваат да го искористат моментот“, изјави Зеленски.
И покрај најавените мировни разговори, Русија продолжува со интензивно бомбардирање на украинските градови, често таргетирајќи ја енергетската инфраструктура, со цел цели региони да останат без струја и греење во зимски услови. Како последица на неодамнешните напади, повеќе од еден милион луѓе во Дњепропетровската област од вчера се без вода и греење.