Google претстави нова функција во Gemini со име Personal Intelligence, со која асистентот може да стане значително поперсонализиран – но само ако корисникот експлицитно ја вклучи. Наместо да се потпира исклучиво на општи информации од интернет, Gemini може да „размислува“ преку податоци од вашите поврзани Google сервиси: Gmail, Google Photos, YouTube и Search. Идејата е едноставна: најкорисните асистенти не се оние што го знаат светот, туку оние што го знаат корисникот – со јасна дозвола и контрола.
Во практична смисла, Personal Intelligence има две главни способности. Првата е извлекување конкретни детали од лични содржини – на пример, податок од е-пошта, документ, фотографија или видео што ви треба „сега“, без да копате низ сандачиња и албуми. Втората е поврзување на повеќе извори одеднаш – Gemini може да комбинира информација од Gmail со трага од Search и контекст од Photos или YouTube, за да даде одговор што е „по мерка“, наместо генерички.
Google нагласува дека функцијата е „off“ по дифолт и дека корисникот самиот избира кои апликации ќе ги поврзе. Вклучувањето се прави преку Settings во Gemini, каде што се избира Personal Intelligence, па Connected Apps. Оние што не сакаат персонализација во одреден момент, ќе можат да користат и привремени разговори (temporary chats), каде што искуството е без личен контекст.
Најчувствителниот дел е приватноста. Google тврди дека Gemini нема да биде трениран „директно“ на целото ваше Gmail сандаче или на целата Photos библиотека. Наместо тоа, подобрувањата се прават врз „ограничени информации“, како конкретните промпти и одговорите што се генерираат во разговорите. Воедно, компанијата наведува дека системот се обидува да избегнува проактивни претпоставки за чувствителни теми (на пример здравје), но ќе разговара за такви податоци ако корисникот праша.
Функцијата стартува како бета и првично е ограничена. Достапноста започнува во САД и се воведува постепено во текот на наредната недела за корисници што ги исполнуваат условите, главно претплатници на Google AI Pro и AI Ultra. Работи на веб, Android и iOS и не е наменета за Workspace (бизнис/enterprise/education) сметки. Google најавува дека со време ќе ја прошири функцијата и во други држави и кон бесплатниот план, како и дека ќе пристигне и во AI Mode во Search.
Ова е и јасен пазарен сигнал. Во трката со конкурентите, Google ја игра картата што другите тешко можат да ја реплицираат: сопствен екосистем на апликации што ги користат милијарди луѓе секој ден. Токму затоа Personal Intelligence не е само „нова опција“ во Gemini, туку стратегија – да се претвори Google-екосистемот во предност во ерата на генеративната вештачка интелигенција, каде што контекстот и довербата стануваат подеднакво важни како и самиот модел.