Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ѓорче Ставрески, филмски режисер: Ќе снимам мистериозна приказна за математичарот со рубикова коцка

Мојот математичар во новиот игран филм е коцкар, метафорично, бидејќи ризикува „коцкајќи“ се со својот ум и буквално, бидејќи е фасциниран од таа геометриска фигура, материјализирана во рубикова коцка која ја решава со страст. Од друга страна пак, краткометражниот филм, „Дали си маж?“ кој веќе имаше затворена премиера, има биографски црти, а јас како дете, иако бев една нежна бубалица, знаев да бидам инаетчија, пркосен и дрзок, па струите ме носеа во различни води, вели филмскиот режисер Ѓорче Ставрески во интервјуто за trn.mk.

Трн: Се подготвуваш за нов игран филм, а во фокусот е приказата за еден математичар. Што да очекува публиката, како може приказна за математика да биде интересна за екранизирање? Обично кога ќе се спомене школскиот предмет математика некако потсетува на досада и компликација, како ќе излезеш од тоа клише и ќе направиш допадлива и гледлива приказна?

Ѓорче: Математиката досадна? Се гледа кој не учел како дете. Се шегувам, проблемот со нејзината недостапност е далеку поголем и покомплициран, но сржта е немањето соодветен менторски пристап. Напротив, математиката е полна со креативност и невидена страст која мора да се пренесе на учениците за да ја засакаат. Сѐ уште го чувствувам адреналинот што ми ја распламтуваше страста кога ќе успеев да решам некоја задача на натпревар, кога бевме деца. Уште повеќе ги памтам поразите проследени со срам од мајка ми и завист кон подобрите. Дополнително, историјата на математиката изобилува со крајно интересни личности, од Питагора кој оформил мистична секта, до францускиот правник од почетокот на 17 век Пјер Де Ферма, кој од хоби, прв открил основни постапки на диференцијалната математика, а подоцна на маргините на неговата тетратка ја задал една од најголемите математички загатки, проблем наречен „Последната Фермаова теорема“,енигма за чие решение се чекаше четири векови. Ја реши уште помистериозен британски математичар Ендру Вајлс кој ѝ погледна на бездната во очи откако неговите колеги открија клучна грешка во оригиналниот доказ. После една година живеејќи во математичкиот пекол барајќи начин да се премости навидум невозможната празнина, тој победнички излезе во јавност изнесувајќи го конечното решение и со тоа успеа да го сочува својот разум, за разлика од многу пред него кои беа проголтани во вителот на својата амбициозност и недостижноста на доказите. Таква приказна сакам да ви раскажам, логична и мистериозна, полна со страст, љубов, пркосење на една бездна и рубикова коцка.

Трн: Вашиот математичар во филмот е „коцкар“, во смисла си игра со умот и со Рубикова коцка…

Ѓорче: Мојот математичар е коцкар: метафорично, бидејќи ризикува „коцкајќи“ се со својот ум и буквално, бидејќи е фасциниран од таа геометриска фигура материјализирана во рубикова коцка која ја решава со страст. Имајќи на ум дека математиката ми беше љубов како дете, за мене беше лицемерно да имам лик во сценариото кој решава рубикова, а јас да не знам. Пред две години ја купив оригиналната коцка на брендот „Рубик“ (која излезе дека е најлошата) и станав зависник. За неполн месец успеав да ја решам под една минута, а потоа купив преку десетина коцки и го намалив времето на решавање под 18 секунди во просек, со личен рекорд од 11 секунди. Интересно е дека кај нас терминот „коцкар“ означува човек кој ужива во хазардни игри и се обложува, веројатно затоа што првите зависници на овие простори се обложувале со коцки. Токму поради тоа, љубителите на рубикова коцка кај нас решиле да се именуваат според англискиот термин – „кјубери“. Криво ми е што „коцкар“ има толку негативен набој, особено затоа што тие луѓе можеби и воопшто не виделе коцки во својот живот. Кога ќе имам време и ќе се зачленам во здружението на кјубери, ќе поведам постапка за лустрација наречена „името да го вратиме“.

Трн: Неодамна имаше затворена промоција на краткиот филм “Дали си маж?“, кога овој филм ќе може да го види пошироката публика или намерата е прво да се промовира на фестивали?

Ѓорче: Да, приоритет се фестивалите. Меѓутоа искрено очекувам дека наскоро ќе имаме поширока промоција дома и сите заинтересирани ќе бидат во можност да го погледнат филмот со кој многу се гордееме. Го напишав и режирав за продукцијата „Минимал колектив“ по покана на продуцентката Ивана Шекуткоска на која сум ѝ многу благодарен.

Трн: Насловот потсетува на тема со родови идентитети или приказната е сосема поинаква, што раскажуваш и која е пораката на филмот?

Ѓорче: Главниот мотив на филмот е првото соочување на едно дете со иронијата на животот. Кога сме млади и неискусни работите често ги гледаме црно и бело, меѓутоа како што созреваме сфаќаме дека ретко која победа е чист триумф, а поразот бездна без грам светлина. Инаку, темата на филмот е идентитетска. Уште во насловот, но и во самата приказна го преиспитуваме значењето на именката „маж“. Филмот има биографски црти, а јас како дете, иако бев една нежна бубалица, знаев да бидам инаетчија, пркосен и дрзок, па струите ме носеа во различни води. Бев правдољубив и нагонот за „преживување“ во оваа наша малограѓанска, токсична средина во која секогаш мора на некого нешто да му докажуваш, ме ставаше во ризични ситуации. Често предизвикан „дали сум маж“ јас бев збунет. За мене тие зајадливи зборови беа иронични, бидејќи ако тоа прашање на тие токсични балкански мажи им значи „дали си храбар“, токму најхрабрите луѓе кои јас ги познавав беа жени, на прво место мојата самохрана мајка-џин кој им пркоси цел живот на сите шовинистички предизвици со кои се соочува една разведена жена на овие простори. Меѓутоа, повторно иронично, не го гледам моето детство еднострано и негативно. Мислам дека низ тие ситуации почнав да се снаоѓам движејќи се низ лавиринтите на животов, а на полош или подобар начин, научив да комуницирам со различни луѓе, без да им судам за секоја ситница. Сакам да кажам животот е ироничен, комплициран и слоевит и јас одлучив дека така сакам да живеам и да дискутирам.

Трн: Низ филмските кругови важиш за филмски борец и сакаш квалитетот и знаењето да бидат пресудни, а тоа значи дека не припаѓаш во ниту една група, дали така е потешко да се стигне до финансии за филм и дека од еден до друг филм навистина мора да измине подолго време.

Ѓорче: Не сакам да ги коментирам нашите локални филмски политики. Во европски рамки, времето поминато од филм до филм за авторите е сѐ поголемо, не само поради зголемената конкуренција, што е здрава работа, туку и поради самиот модел на копродукција кој на хартија би требало да биде мотивирачки начин за соработка помеѓу националните европски партнери, меѓутоа во пракса знае да биде спор и обременет со администрација. Дополнително, колку и да е добра намерата, наместо да се поддржуваат слоевити и комплексни филмови, сѐ повеќе се фаворизираат еднострани, дидактички и идеолошки обоени приказни кои немаат намера да испровоцираат искрена дискусија, туку да го поучат демосот кој е „правилниот“ начин на размислување. Сѐ помалку се гледам како дел од таа поширока европска филмска култура.

Трн: Во овој контекст, измина време од филмот Исцелител, дали ова дело ги достигна твоите очекувања? Дали кога одново би го правел би го направил исто или од оваа дистанца си воочуваш грешки?

Ѓорче: Во мир сум со филмот. Ми сметаат некои работи, меѓутоа немам нагон да го свртам погледот како со некои други мои филмови. Во однос на очекувањата, бев изненаден. Воопшто не мислев дека е филм за публика. Намерата ми беше да направам искрен, емотивен, „уметнички“ филм за комплицираната љубов меѓу син и татко кој ќе биде разбирлив за пошироката публика. Меѓутоа, на таа незаборавна проекција од над 8000 луѓе во градскиот парк, сфатив дека сум погодил некоја универзална емотивна нишка кај голем број луѓе. Горд сум на својата лоша проценка.

Разговараше: Љубиша Арсиќ

Редакција Трн

Најново