Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Гордана Колевска, личен асистент на деветтодделенец – Помагањето е најдобрата работа во светот

Соња ТАНЕСКА

Новата учебна година за сите ученици во основните и средните училишта во државата започнува на 2 септември, но оваа година за жал беше поразлична од другите, дел од децата не може да ја следат наставата бидејќи имаше проблеми со договорите на над 800 образовни асистенти за кои Министерството за образование и наука задоцни да им ги продолжи договорите.

Личните асистенти кои во Скопје ги ангажира општина Центар од самиот старт на учебната година веќе започнаа да им помагаат на учениците кои имаат посебни образовни потреби.

Образовните асистенти годинава подоцна влегуваат во училиштата, некои родители се’ уште чекаат да поминат и вторите огласи на ресурсните центри за да добијат поддршка за своето дете со атипичен развој, додека самите асистенти засега остануваат со договори на определено време.

Но, асистентите се само парче од инклузивниот мозаик во Македонија.

Училиштата на глава имаат куп проблеми како да ја тераат инклузијата, им недостасува едукација, буџет и инфраструктура, за да може целиот процес да „застане на нозе“. Сепак во основното училиште „Кочо Рацин“ неколку години имаат и образовни и лични асистенти, а исто така и сензорна соба.

Општина Центар е една од општините која преку УНДП воведе дополнителни мерки за помош на децата со потешкотии во развојот. Едната од овие мерки, покрај образовни предвидува и лични асистенти.

-Според мене, инклузивното образование ќе донесе позитивни промени само доколку се согледаат реалните можности. Односно, доколку во редовните училишта се направат сите неопходни адаптации. Покрај тоа, потребно е според способностите на учениците, да се дадат препораки за тоа какво образование е најдобро за нив, за да може да се извлече нивниот максимум и да се постават темели за квалитетен живот надвор од училиштето, вели Стефани Хаџитомова, дефктолог во основното училиште „Кочо Рацин“ во Центар.

Таа додава дека во моментовт, во училиштето има два образовни асистенти, а во исчекување се на уште еден, а имаат и личен асистент.

-Образовните асистенти се од голема помош на учениците со посебни образовни потреби, но и на самите наставници во училницата. Заедно со наставниците го прилагодуваат материјалот кој што се обработува, им помагаат на учениците во совладување на истиот, го нссочуваат нивнито внимание. Исто така од голема помош се и во процесот на прифаќање на ученикот со посебни образовни потреби на соучениците, вели Хаџитомова.

Таа додава дека во училиштето постои и ресурсната соба ( попозната како сензорно катче) од ноември 2023 година, а е изградена во рамки на проектот “Инклузивно образование за учениците со посебни образовни потреби”, во соработка до Здружението за асистивна технологија “Отворете ги прозорците”.

-Таа е опремена со асистивна технологија и разни сензорни и дидактички помагала. Во неа се одржуваат индивидуални часови со учениците, ја користат и асистентите со учениците, доколку има потреба. Со нејзино користење, на учениците им се помага да го намалат, односно искоренат непосакуваното однесување, се посветува повеќе внимание на развојот на моториката, социјалните вештини и други. Се на се, користењето на ресурсната соба носи позитивни промени кај учениците со посебни образовни потреби, вели Хаџитомова.

Инклузивното образование претпоставува дека сите деца треба да имаат еднакви и систематски можности за учење и дека треба да ја добијат потребната индивидуализирана поддршка за да се олесни нивното вклучување во редовното образование. Тоа значи вклучување на сите деца во редовната настава, преку приспособени учебници, технологија и образовни асистенти онаму каде што има потреба од нив.

Ви истото училиште како личен асистент е ангажирана Гордана Колевска, која е поранешен новинар, а за оваа позиција аплицирала откако завршила со својата професионална кариера како новинар.

-Помагањето е најдобрата работа во светот. Личен асистент е ангажман за помош на ученикот да ја следи наставата, односно прво се пречекува ученикот во училиште, значи го преземате, од родителот и потоа во периодот од 8 до 12 часот му помагате да престојува во училиштето, да ја следи наставата, да се движи низ училиштето, ако е кабинетска настава од еден кабинет во друг, да комуницира со своите другарчиња, со наставниците. Се зависи од потребите на ученикот, вели таа.

Колевска претходно била ангажирана во училиштето „Кирил и Методиј исто така во општина Центар, а сега втора година работи со истиот ученик, кој лани бил осмо одделение, а сега е деветто.

-Ова според мене е многу добар проект што се децата со да речеме посебни потреби вклучени во редовната настава. Затоа штоколку што е добар за тие деца да бидат инклузирани во редовната настава и со средината и со своите врсници, толку е добар и за нас сите, целото општество, вели таа.

Од кога започна ангажирањето на образовни асистенти?

Ако се погледне ретроспективно, асистенти за ученици со попреченост во основните училишта се ангажираат од 2016 година, преку програмата за општинско корисна работа во соработка со УНДП. Пет години подоцна, од 2021, почна да се спроведува новиот систем за „Образовна асистенција“ во согласност со измените на Законот за основно образование и заклучните согледувања на Комитетот на ОН.

Дејноста на асистентите беше уредена преку Правилник за нормативот, описот на компетенциите и работните задачи, особено за образовен и за личен асистент, како две различни форми на поддршка. Пример, образовниот асистент да дава поддршка за наставни и воннаставни активности, задачи што бараат комуникација, социјална интеракција, сетилна и моторна активност, во движење, земање храна или пијалак. Додека пак личните асистенти повеќе во насока на употреба на помагала, ориентација во простор, одржување лична хигиена, облекување и др., согласно насоките за ученикот и во консултација со родителот/старателот.

Идејата беше образовните асистенти да станат директна поддршка на наставникот, до три деца со попреченост во едно одделение, наместо досегашниот модел „еден на еден“, што повторно поттикна дискусии и дилеми како тоа би се изведувалo во пракса. Притоа, асистентот со наставникот да применуваат кооперативен однос, а наставникот да биде носителот на инклузијата. Децата да ги реализираат своите потенцијали и да стекнуваат самостојност и социјална вклученост во училишната средина.

Постапката за вработување на образовните асистенти завршува до крајот на месец јуни, а образовните асистенти се вработуваат на определено време во државните основни училишта со ресурсен центар за наредната учебна година. Средствата за образовните асистенти се обезбедуваат од Буџетот на Министерството.

Со ваквиот систем, асистентите за основците паднаа на товар на државниот буџет. Како плати за образовните асистенти од бившата министерка Мила Царовска беа споменувани суми од 24.000 денари, бидејќи претходно преку општините добиваа по 7-8.000 денари и беа ангажирани хонорарно. Искуства покажаа, понекогаш општинските плати им доцнеа и практично истовремено извршуваа повеќе обврски – на лични асистенти, наставници и педагози – се’ врз грб на асистентите, некогаш и без доволен број материјали за работа.

Оттука во 2021, Министерството за образование и наука (МОН) издвои скоро 60 милиони денари за вработување на 500 образовни асистенти преку петте посебни училишта што го сменија статутот и станаа основни училишта со ресурсен центар (ресурсни центри). Испадна дека тоа е несоодветна проценка, дека се малку и доцнеа во школите, па наредната година беа ангажирани 750, а лани бројката стигна до 820.

Сепак, МОН во моментот не дава конкретна информација колку моментално вложуваат за образовни асистенти.

„Толку колку што треба“, одговори на прес-конференција министерката Весна Јаневска.

За последното доцнење на асистентите, Јаневска прстот го впери кон школите и ресурсните центри, a потоа спомена и дека доцнењето „е одраз на чекањето на ребалансот на Буџетот и релативното работење на училиштата на различни начини“.

Ако се погледне процедурата, според Правилникот за побарување асистенти, таа вели: средствата за асистентите се обезбедуваат од Буџетот на МОН. Децата прво треба да поминат проценка на МКФ-службите, а потоа основните школи таквите мислења ги доставуваат до ресурсните центри, според утврдена реонизација. Барања за образовен асистент треба да се достават до крајот на месец март, ако се работи за деца од второ до деветто одделение, а за првооделенците – до јуни. На крајот, ресурсните центри ја тераат постапката преку јавен повик, спроведуваат обука и ги вработуваат асистентите, со цел тие да бидат подговени за првиот школски час.

Ќе се менува законот за инклузивно образование

МОН сега прави нови измени на Законот за основно, со цел да се убрза процесот. Во Предлог-законот што е ставен на ЕНЕР, како измена на членот 7, стои:

Во документот за јавни политики „Реформи и предизвици на инклузивното образование во Северна Македонија“ од 2022 година, се дадени мислења на ресурсните центри (ОУРЦ) што ги вработуваат асистентите.

„Два ОУРЦ сметаат дека бројот на децата со попреченост што ќе имаат потреба од асистент е варијабилен, па затоа едногодишните договори функционираат. Трет ресурсен центар е на ставот дека договорите со образовните асистенти треба да имаат адаптационен период од една школска година, а потоа, доколку сѐ тече во најдобар ред со врската дете образовен асистент – тие да бидат повеќегодишни, односно до крајот на школувањето. Четврт ресурсен центар посочува дека ќе се зголемува потребата за образовен асистент, услугата е неопходна, па и работниот однос треба да се промени, а тоа бара промена на законската регулатива“, стои во документот.

Според министерката за образование Весна Јаневска децата со посебни образовни потреби да не се препознаваат преку нивната дијагноза туку преку потенцијалите кои ги стекнуваат во образовниот систем. Овие ученици не треба да бидат предмет на сожалување туку да им се помогне да се осамостојат.

Таа најави дополнување и измени на начинот на образование за децата со посебни образовни промени и зголемување на бројот на образовни асистенти.

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација сметаат дека потребни се повеќе образовни содржини за еднаквост. Потенцираат дека неопходни се промени во законот за основно и средно образование. Велат дека инклузивното образование е клучен предуслов за заштита од дискриминација.

„Од своето работење досега Комисијата има увидено сериозни системски проблеми на дискриминација во образованието, како асеграција на ромите, имаме и пресуда од страна на Европскиот суд за човекови права која треба да се спроведе, булинг заснован на различности“, вели Драгана Дрндаревска, Комисија за спречување и заштита од дискриминација.


Зачлени се на нашиот е-билтен