Ѓорѓиевски го одблокира проектот на Шилегов за БРТ

Град Скопје по подолго време повторно зборува за Луна парк и за БРТ не како за предизборна реклама, туку како за конкретни рокови и тендери. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на првата седница на новото Координативно тело на градоначалници најави дека веќе следната недела ќе биде распишан тендер за Луна паркот, со ветување дека до јуни 2027 година Скопје ќе добие функционален забавен парк. Паралелно, тој соопшти дека процесот за воведување на БРТ системот е „одблокиран“ по средбите со Владата и премиерот Христијан Мицкоски и дека постапката за реализација треба да почне наредната година.

Најавата доаѓа во момент кога централната власт веќе го промовира пакетот проекти „градски воз + БРТ + нов мост на Вардар“ како „најголем транспортен проект во Скопје“, со градска железница од Зелениково до центарот, интегриран со идните БРТ линии. Премиерот јавно изјави дека конечно се отпочнува БРТ системот и дека ќе биде комплетиран со нов мост, со амбиција да се намали сообраќајниот хаос и загадувањето.

Но под насловот „одблокирани проекти“ се крие долгата историја на градски ветувања. Луна паркот, практично избришан од мапата на Скопје, со години живее како празен простор и носталгична фотографија. Прво беше идејата на Коце Трајановски за модерен Луна парк со нови реквизити и проширена површина, која никогаш не стигна до целосна реализација. Потоа Петре Шилегов го најави „најмодерниот Луна парк во регионот“ со 27 реквизити и најголем ролеркостер на Балканот, проектиран од италијанскиот дизајнер Франко Бараѕони, со модел на самоодржливост – изведувачот да ја враќа инвестицијата за три години преку работењето на паркот.

Ниту тој концепт не стигна до крај. Реквизити беа набавени, делумно промовирани, но никогаш не беа поставени во рамки на целосно нов парк. Актуелната градоначалничка пред Ѓорѓиевски, Данела Арсовска, во својата кампања го вклучи Луна паркот меѓу приоритетите за првите две години, најавувајќи дека ќе ги постави веќе набавените справи. И таа најава остана без видлив резултат. Причините кои со години се повторуваат се исти: празна градска каса, сложени тендерски процедури, дозволи и административни лавиринти.

Слична е приказната и со БРТ системот. Тоа не е проект на сегашната градска власт, туку е политичко „дете“ на Шилегов, кој уште во 2018 година најави замена на скапиот трамвај со брз автобуски превоз со посебни ленти, поддржан со закон и кредити од ЕБОР и други институции. Подоцна, во мандатот на Арсовска, истиот тој БРТ стана предмет на блокади – и од градоначалничката и од дел од советниците на ВМРО-ДПМНЕ – иако државата веќе плаќаше камата за обезбедените средства.

Денес, истите политички актери кои пред две години предупредуваа на „опасен“ БРТ, го промовираат како клучен чекор кон „модерно и еколошко Скопје“. Независните медиуми веќе забележаа дека Ѓорѓиевски фактички го продолжува БРТ проектот започнат од Шилегов – проект што најпрво го стопираше Арсовска, а потоа и советниците од ВМРО-ДПМНЕ, пред повторно да биде извлечен како дел од новиот транспортен пакет со градски воз и нов мост.

Зачлени се на нашиот е-билтен