Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека врвен приоритет му е пуштањето во употреба на подземниот булевар „Македонија“ под комплексот „Лимак“ и изградбата на три кружни текови на влезот и излезот од оваа сообраќајница. „Скопје може да престане да биде симбол на пренатрупаност и хаос и да стане функционален, организиран и модерен главен град,“ вели тој во интервју за „Нова Македонија“.
Фокусот на Ѓорѓиевски е јавниот превоз. „Јавниот превоз е крвотокот на секој модерен град… Мојата визија е да изградиме јавен транспорт кој ќе биде прв избор на скопјани, брз, достапен, удобен и пред сè, сигурен,“ порачува тој. Според него, првиот чекор е „целосно обновување на возниот парк со современи, еколошки автобуси“.
Паралелно, најавува дисциплина и ред во работењето на ЈСП: почитување на возниот ред и реорганизација на линиите според реалните потреби на граѓаните. „Скопје мора да добие систем каде што автобусите ќе пристигнуваат навреме и ќе бидат чисти, уредни и безбедни,“ вели Ѓорѓиевски.
Тој не ја игнорира сегашната состојба: „Возниот парк е дотраен, автобусите често се расипуваат, а линиите не ги покриваат сите делови од градот на квалитетен начин. Тоа е последица на долгогодишно запоставување и недомаќинско работење.“ Сепак, додава дека има „јасен план и решеност да ја промени лошата слика“.
„Со вистинска стратегија, одговорно управување и постојано вложување, јавниот превоз ќе стане двигател на урбаниот развој на Скопје,“ вели Ѓорѓиевски, уверувајќи дека модернизацијата на превозот и расчистувањето на клучните сообраќајни тесни грла ќе бидат темел на неговата програма за подигнување на квалитетот на живот во главниот град.