На „Саемот-Отчет“ под мотото „4 години работа за тебе“, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, порача дека државата „првпат сведочи на масовна реализација на капитални инвестиции“ во сите општини, „без поделби и селективност“.
Говорејќи на панел-дискусијата „600 милиони евра за развој и локален прогрес“, Ѓорѓиевски нагласи дека со години постоела подготвена техничка документација, но поради недостиг на финансии многу проекти останувале во фиока.
„За прв пат во историјата на Република Македонија, 30 години наназад, инвестициите стигнуваат до секое населено место. Наеднаш се градат училишта, градинки, спортски објекти и патна инфраструктура како никогаш досега“, изјави тој.
Според Ѓорѓиевски, секој градоначалник ги насочува средствата според специфичните потреби на заедницата, што, како што рече, овозможува рамномерен локален развој.
„Овој проект недостасуваше повеќе од три децении. Се надевам дека ќе продолжи и понатаму, за сериозно да ја градиме и менуваме Македонија како што тоа го правиме во моментов“, порача тој.