Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа бираат градоначалник: денеска гласаат болните и затворениците

Пред утрешното повторено гласање за градоначалник во општините Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, денеска се спроведува гласање за болните и изнемоштените лица, како и за притворените и осудените лица кои имаат право на глас и се жители на овие општини.

Од Државната изборна комисија информираат дека сите подготовки за повторените избори се завршени и дека гласањето се одвива согласно Изборниот законик.

Во општина Гостивар за гласање во домашни услови се пријавени 146 болни и изнемоштени лица, додека во казнено-поправните установи ќе гласаат 81 лице. Во Маврово и Ростуше одобрени се барањата на 69 болни лица, како и на двајца затвореници. Во Врапчиште се пријавени 32 болни гласачи, а 11 лица ќе гласаат во затвор, додека во Центар Жупа пријавени се двајца болни гласачи.

Во Гостивар право на глас имаат вкупно 82.870 граѓани, од кои 78.185 се жители на општината, а 4.604 се запишани во посебниот избирачки список за гласачи во странство. Во Маврово и Ростуше запишани се 10.575 гласачи, во Врапчиште 27.279, а во Центар Жупа 7.562 гласачи со право на глас.

Гласањето утре започнува во 7 часот и ќе трае до 19 часот. Граѓаните ќе се идентификуваат со важечка лична карта или пасош, а нивниот идентитет ќе се проверува и со уреди за биометриска идентификација.

Според Изборниот законик, за повторените избори не е потребна минимална излезност од една третина од гласачите. За избор на градоначалник доволно е еден од кандидатите да освои повеќе од половината од гласовите на излезените избирачи, вклучително и во Центар Жупа, каде што има само еден кандидат.

Во Гостивар за функцијата градоначалник се кандидирани Невзат Бејта од коалицијата Вреди и независниот кандидат Ваљбон Лимани, поддржан од НАИ. Во Врапчиште кандидати се Исен Шабани од НАИ и Зуљхајрат Демири, поддржан од група избирачи. Во Центар Жупа единствен кандидат е Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците. Во Маврово и Ростуше кандидатите се Онер Јакупоски, поддржан од коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и Анес Ахмети од СДСМ.

Повторените избори се организираат откако на локалните избори во 2025 година во овие општини не беше постигната законската излезност. Во првиот круг одржан на 19 октомври, одѕивот во Гостивар беше 33,31 процент, во Врапчиште 25,18 проценти, во Маврово и Ростуше 30,31 процент, а во Центар Жупа 21,49 процент.

Овие избори се последни што ги спроведува актуелниот состав на Државната изборна комисија, чиј мандат завршува на 15 јануари.

Зачлени се на нашиот е-билтен