Говорот од Давос што им ја кажа вистината на средните и малите држави

Давос

Говорот на канадскиот премиер Марк Карни во Давос годинава веќе се опишува како еден од најсилните политички настапи во последните години, затоа што на јасен јазик вели: стариот светски поредок се распаѓа, а средните и помалите држави мора свесно да изберат како ќе се бранат и ќе соработуваат во новата реалност. Наместо празен оптимизам, говорот нуди трезвена дијагноза и повик за дејствување, па затоа многумина го читаат како историски момент, а не само како уште една формална изјава од говорница во Швајцарија.

Карни го одржа говорот на специјална сесија во формат „Special Address“, каде што говорниците им се обраќаат директно на политичката и бизнис елита од целиот свет. Темата на годинешниот форум беа војните, нарушените синџири на снабдување, енергетската и климатската криза, а неговиот настап се издвојува затоа што отворено признава дека познатиот “поредок базиран на правила“ практично е распаднат и дека државите веќе не можат да се однесуваат како ништо да не се случило.

Во салата во Давос неговите зборови предизвикаа ериозен тивок шок, а потоа и стоечки овации, затоа што во суштина им кажа на собраните дека светот во кој тие заработуваа и владееја не постои веќе во истиот облик.

Што значи крајот на стариот поредок за државите што не се суперсили?

Во центарот на говорот стои една проста, но тешка порака: „Стариот поредок не се враќа“ – Карни вели дека не живееме во некоја мирна промена, туку во период на прекин, во кој правилата со кои сме навикнале да го објаснуваме светот повеќе не важат. Тој објаснува како големите сили веќе ги користат трговијата, царините и финансиските системи како оружје, а меѓусебната економска поврзаност – како алатка за притисок, со закани за забрани, санкции и прекини на снабдувањето кога сакаат да казнат некого.

Во една од клучните реченици, Карни вели дека не може повеќе да се живее во „убавата приказна“ дека светската економија е автоматски добра за сите, кога за многу држави токму оваа поврзаност станала извор на слабост и уцена. Со други зборови, тој им објаснува на средните сили, како Канада, повеќето европски земји, па и земји од региони како Балканот, дека ако продолжат да се однесуваат како ништо да не се смени, ќе останат без избор: „ако не сте на масата, ќе бидете на менито“.

Токму тука се гледа историската тежина на говорот. Наместо да глуми дека старите институции и договори уште функционираат совршено, Карни практично им вели на земјите: време е да признаеме дека правилата се применуваат селективно и дека мора да градиме нови облици на соработка и заштита, особено за оние кои не се суперсили.

Носталгијата не е стратегија – Зошто Карни бара нова архитектура на соработка?

Во продолжение, премиерот ја формулира улогата на средните сили: да се здружуваат за конкретни цели – енергија, критични минерали, технологија, одбрана – за да ја намалат зависноста од една или две големи држави и да изградат всушност нова мрежа на доверба и заеднички интереси.

„Средните сили мора да дејствуваат заедно, затоа што ако не сме на масата – сме на менито.“

Со ова, говорот излегува од рамката на чиста критика и станува нешто како политички предлог: да се гради сила дома, во економијата, енергетиката, инфраструктурата и одбраната, за државата да не може лесно да биде уценета, но и да се остане верен на основните вредности како суверенитет, човекови права и почитување на меѓународното право. Токму оваа комбинација на трезвеност и вредности го прави говорот важен не само за Канада, туку и за секоја земја што не сака да биде само објект на туѓи одлуки во новиот светски поредок.

Масивно отстапување од Трудо

Коментарите на аналитичари и академици го истакнуваат говорот како „масивно отстапување“ од дискурсот на Џастин Трудо, кој во претходните години во Давос настапуваше со јазик на прогресивна визија, разновидност и „меката моќ“ на Канада, често со симболични гестови и оптимистичка реторика.

За разлика од тоа, Карни се позиционира како прагматичен технократ: помалку зборови за брендот „Канада како либерална икона“, повеќе за конкретни инструменти (инвестициски рамки, фискална дисциплина, климатски таргети и институционални реформи) што треба да обезбедат стабилност и раст во време на војни, енергетски шокови и фрагментација на глобалната економија.

Зачлени се на нашиот е-билтен