Дел од главниот град Стокхолм се трансформира во, според инвеститорот Атриум Љунгберг, „најголемиот проект за дрвена градба во светот“. Во развојот ќе бидат инвестирани околу 1,1 милијарда евра.
На површина од 250.000 квадратни метри ќе има дрвени станбени згради, канцеларии, училишта и продавници, кои ќе се вклопат во постојните згради, од кои некои веќе се претворени во библиотеки или кина.
Како што изјави за CNBC Хокан Хиленгрен, директор за развој на бизнисот во „Атриум Љунгберг“, целта е Сикла да стане пример за одржлив урбан развој.

Денес, градежниот сектор учествува со 37 проценти во вкупните емисии на јаглерод диоксид на глобално ниво, што, според податоците на Програмата на ОН за заштита на животната средина, го прави најголем загадувач кога станува збор за гасови со ефект на стаклена градина.
„Работиме во сектор каде што е можно да се направи разлика. Ако го промениме начинот на кој градиме и управуваме со зградите, можеме значително да го намалиме нашиот еколошки отпечаток“, рече Хиленгрен.
Овој пристап е дел од целта на компанијата да ги намали емисиите од градежништвото на речиси нула до 2030 година – одлука што Хиленгрен ја опишува како смела и тешка.
Студиите покажуваат дека масивните дрвени конструкции испуштаат значително помалку штетни гасови од зградите направени од челик или бетон. Така, на пример, студија од 2024 година на Службата за шуми на САД покажува дека дрвените згради имаат потенцијал за глобално затоплување кој е најмалку 81 процент помал од бетонот, додека тој процент е 76 проценти за челикот.
Дрвото има долга традиција во Шведска
Бидејќи речиси 70 проценти од територијата на Шведска е покриена со шуми, употребата на дрво во градежништвото има долга традиција.
„Имаме длабока културна врска со шумите. Многу Швеѓани поминуваат време во шумата за релаксација и рекреација. Покрај тоа, шумите се важен дел од нашата економија, не само во градежништвото, туку и во енергетиката, индустријата за хартија и производството на биолошки материјали“, вели Оскар Норелиус, главен архитект во „Вајт Архитектс“, кој работи на овој проект заедно со „Атриум Љунгберг“.

Сепак, Хиленгрен забележува дека досега дрвените згради во Шведска најчесто биле индивидуални куќи, па затоа идејата за изградба на цел урбан простор од дрво е нешто сосема ново.
Норелиус, исто така, ја дизајнираше „Сара Културхус“, 20-катна зграда во северна Шведска во која се сместени музеј, галерии, сала за настани, библиотека и хотел со 200 соби познат како „Хотел Дрво“. Тој проект им помогна на експертите од индустријата да ги видат можностите за поголеми дрвени конструкции, кои дотогаш често се сметаа за проблематични поради прописите за противпожарна заштита.
„Успешно го променивме начинот на размислување, сега дрвото не се гледа како ограничување, туку како двигател на архитектурата“, вели Норелиус.
Првата фаза од проектот ќе биде станбен блок со 80 станови, наречен Кварт 7, чија изградба ќе биде завршена до крајот на 2025 година, додека архитектонското биро Вајт Аркитектер моментално работи на дизајнот на првата деловна зграда во Сикла.
Планирана е и изградба на згради со мешана намена, кои би можеле да се трансформираат од станови во канцеларии, што би им обезбедило на зградите „втор живот“. Планирано е да се изградат уште околу 2.000 станови до 2027 година.
Луѓето ги сакаат дрвјата
Покрај одржливоста, постои и емотивен фактор: луѓето едноставно ги сакаат дрвјата.
„Посетителите на Сара Културхус често ги прегрнуваат дрвените столбови“, вели Норелиус, додавајќи дека истото може да се очекува и во Сикла, бидејќи структурата на зградите ќе остане видлива, вклучувајќи ги цевките и вентилацијата.
„Ќе има повеќе столбови што луѓето ќе можат да ги допрат, да се потпрат на нив, да ги почувствуваат“, истакнува тој.
Како и другите европски земји, Шведска помина низ криза на пазарот на домување кога каматните стапки скокнаа во текот на 2023 година. Хиленгрен наведува дека сега „може да се почувствува промената на подобро“. Со оглед на тоа што Сикла има одлични сообраќајни врски (возови, трамваи, а наскоро и метрото ќе го поврзуваат со центарот на Стокхолм) очекува интересот на купувачите и закупувачите да расте.
Иако бетонските плочи се во просек 20 проценти поевтини од дрвените, Хиленгрен истакнува дека градбата во дрво е многу побрза, што значи дека становите и канцелариите се подготвени за изнајмување порано.
На крајот, естетскиот квалитет на дрвото би можел да има позитивен ефект врз приходите на инвеститорот.
„Веруваме дека создаваме нешто привлечно и дека ќе постигнеме поголем приход од изнајмување поради тоа“, заклучува Хиленгрен.