И покрај најавите за намалување на цените на над 100 производи, граѓаните ќе треба да почекаат за есенската потрошувачка кошничка. Владините мерки, кои треба да донесат олеснување за домаќинствата преку замрзнување на цените или ограничување на трговските маржи, најверојатно нема да бидат разгледани на следната владина седница.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека предлогот од Министерството за економија можеби ќе биде одложен за уште една недела, поради потребата за дополнително усогласување на ставовите на засегнатите страни – трговците, производителите и Владата.
-Не сакаме на сила ништо да правиме, но мора да интервенираме кога ќе видиме дека поединци ја злоупотребуваат ситуацијата,“ рече Мицкоски, додавајќи дека пазарните механизми треба да ги диктираат цените.
Во меѓувреме трговците тријат раце од профитите по зголемените цени на некои прехранбени производи, кои пораснаа веднаш по најавата за започнување на Законот за нефер трговски практики, кој стапува на сила на 28 септември. Со овој закон, трговските маржи се ограничуваат на максимум 10 отсто од производствената цена, но трговците веќе реагираа со зголемување на цените пред примената на законот.
Работната група, составена од претставници на Министерствата за економија, земјоделство и финансии, работи на утврдување на есенската кошничка, која ќе вклучува ограничени маржи за 100 прехранбени производи како зеленчук, овошје и млечни производи. Но, експертите предупредуваат на нејасности околу тоа колку долго ќе траат овие мерки и кои производи точно ќе бидат опфатени.
Реакциите на јавноста на социјалните мрежи се остри, бидејќи цените на храната постојано растат, додека во соседните земји веќе се спроведуваат мерки за поевтинување.