Граѓаните на Крива Паланка добија нов, модерен, зелен парк на површина од 2000 метри квадратни

Зелена и уредена цветна површина, со придружни спортски и рекреативни содржини за сите жители е сликата од урбаниот зелен парк во Крива Паланка на површина од над 2000 метри квадратни, што денеска официјално го пуштија во употреба амбасадорот на Европската унија во нашата држава, Михалис Рокас и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Паркот е уреден на локација до комплексот згради кај градски зелен пазар во Крива Паланка и оформи комплетно нова зелена урбана приказна на просторот што до неодамна беше запуштен.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, го објави пуштањето на паркот што денес беше преполн со млади, мештани и бројни посетители кои го препознаа ова место како нова урбана точка за секојдневна дружба и уживање за сите генерации.

„Неизмерно се радувам што сме денес тука сите заедно. Се радуваме на овој наш  заеднички нов простор за одмор, дружба, рекреација и безгрижна детска игра. Просторот што го креиравме и трансформиравме  до непрепознатливост во една прекрасна зелена оаза во срцето на градот и во оваа населба што претставува мост помеѓу различни генерации. Овој парк е новото урбано катче  за децата да трчаат безгрижно, младите да поминуваат квалитетно време овде, возрасните да уживаат и да се рекреираат. Нова препознатлива локација за сите нас  што ја градиме иднината на овој град, тука, дома и ја правиме реална визијата за имиџот на општината што го градиме изминатите неколку години, секојдневно одржувајќи го: најзелена, најеколошки чиста општина во државата. И денес правиме уште еден чекор напред кон таа визија и мисија – поквалитетен, поубав и похуман живот во нашата Крива Паланка,за сите генерации“, изјави Митовски.

Рече, целта е не само да се гради, туку се гради со план, грижа, со љубов за градот и граѓаните.

„Овој парк е создаден токму со таа визија, да биде отворен, достапен и жив простор. Простор на заедништво, простор каде што граѓаните на овие маала се нашите домаќини“, рече Митовски.

Во паркот се озеленети и хортикултурно уредени површините, поставени се 4 настрешници, поставена  е урбана опрема за потребите на локалното население, за одмор и рекреација, со две чешми за вода, клупи и останата опрема.

Дополнително, покрај проектираната уредена површина со проектот, општината инвестираше сопствени буџетски средства за уредување спортски терен за баскет и модерно детско катче.

Митовски упати благодарност за поддршката од ЕУ до евроамбасадорот Рокас, во име на граѓаните на Општина Крива Паланка.

-Ви благодариме за значајната поддршка, Вашето присуство овде денес е силна порака дека и малите градови и општини имаат големи причини за надеж и силни сојузници на патот кон ЕУ. Со поддршката од Европската Унија, преку Програмата за прекугранична соработка со Р.Бугарија, Општина Крива Паланка го покажува најдоброто лице на европските вредности, вредности што се гледаат, се ползуваат и се живеат.Ова е доказ дека кога сме обединети: институции, граѓани, пријатели од Европа и заедно можеме да создаваме вистински вредности, додаде Митовски.

Евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека Крива Паланка е вистински пример како правилно, наменски и со не многу големи средства, корисно може да ги насочи финансиите од поддршката на Европската унија.

„Моите импресии ги споделувам со сите вас за тоа колку корисно, убаво и во прилог на заедницата, во прилог на локален развој со визија и проекции, правилно ги користиме средствата од европските фондови. Уште повеќе ми е драго бидејќи знам како изгледаше претходно,се колку убаво е уредена целата локација, така што сите честитки ги упатувам со општината и до сите што го создадоа ова прекрасно место за граѓаните на Крива Паланка. Европските вредности се гледаат и во процесот на заедништво и зближување на народите од двете страни на границата преку партнерствата при имплементацијата на проекти од прекугранична соработка“, изјави Рокас, кој рече , следниот пат кога ќе ја посети Крива Паланка ќе одиграат баскет партија со градоначалникот на овој терен што е уреден во паркот.

Новиот парк е изграден во рамки на проектот „ПАРКОВИ“ – Заштита на областите преку регионално знаење и одржливост што Општина Крива Паланка го имплементира во рамки на ИНТЕРЕГ – ИПА програмата на Евопската Унија за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија 2021-2017, Приоритетна оска 1 „Позелени погранични региони“. Проектот е со вкупна вредност од  околу 895.000 евра, од кои 388.000 евра се наменети за Општина Крива Паланка како партнер 2, додека останатите се наменети за Општина Дупница, како водечки партнер.

Целта на проектот е подобрување на урбаниот биодиверзитет и квалитетот на живот во двете општини преку креирање и промоција на еко-пријателски зелени паркови и површини, а очекувана цел е  поттикнување на заедницата на грижа за животната средина и да  промовира одржливо урбано живеење.

Во рамки на проектот извршена е педологија на почвата, во тек е креирање на зелен катастар на урбаниот дел на градот, набавен и монтиран е сензор за мерење на квалитет на воздух, поставен на општинската зграда во Крива Паланка , а ќе се  креира и предлог-листа на растенија и дрвца најадекватни за засадување на амбиенталните услови на двете општини.

Проектот ќе се имплементира до 2026, до кога е предвидена публикација на прирачник за локалното население за самостојно уредување на зелен простор во урбаните делови, размена на искуства и обука за граѓаните преку организирање „Зелени денови во регионот“.

Зачлени се на нашиот е-билтен