Бруто домашниот производ (БДП) по жител во Европската Унија изнесувал 38.100 според стандардите на куповната моќ (PPS) во 2023 година, што е зголемување во споредба со 36.000 PPS во 2022 година, објави во понеделник Европскиот завод за статистика (Евростат).
PPS е технички термин што го користи Евростат за номинална заедничка валута што ги изразува агрегатите на националните сметки кога се прилагодени за разликите во нивото на цените користејќи го паритетот на куповната моќ.
Највисокото ниво на БДП по жител е забележано во ирските региони – Даблин (139.500 PPS) и Југозападниот регион (137.300 PPS), според класификацијата на територијалните единици за статистика (NUTS 3).
По нив следуваат германскиот град Волфсбург со 136.500 PPS, со податоци од 2022 година, и Париз со 126.900 PPS.
Од друга страна, францускиот прекуокеански регион Мајот имаше најнизок БДП по глава на жител, со само 10.500 PPS, по што следуваат бугарските региони Хасково (11.000 PPS) и Силистра (11.100 PPS).