Граничниот премин Рафах меѓу Газа и Египет повторно се отвора во понеделник

Граничниот премин Рафах меѓу Газа и Египет ќе биде повторно отворен во понеделник, соопшти Палестинската амбасада во Египет, речиси една недела по постигнувањето на примирјето и договорот за размена на заложници меѓу Израел и Хамас, со посредство на САД.

Преминот, кој беше затворен уште од мај 2024 година, ќе им овозможи на Палестинците кои престојуваат во Египет да се вратат во Појасот Газа, стои во соопштението на амбасадата. Не е прецизирано дали ќе биде дозволен и влез на хуманитарна помош преку преминот.

Недоволни количини хуманитарна помош

Од моментот кога со американско посредство беше прекината двегодишната војна, во Газа влегуваат во просек околу 560 тони храна дневно, што е далеку под потребното ниво, според податоците на Светската програма за храна на ОН.

Преминот беше затворен за хуманитарна помош откако израелските сили ја презедоа контролата на граничната точка од страната на Газа, но кратко беше повторно отворен на почетокот на 2025 година за време на краткотрајното примирје меѓу двете страни.

По две години бомбардирање и блокада, потребата за храна, лекови и засолништа во Газа е доведена до крајни граници.

Сѐ подлабока хуманитарна криза

Во март, Израел воведе 11-неделна целосна блокада на влезот на помошта во Газа, што доведе до остар недостиг на резерви и пораст на цените.

Во август, агенцијата за следење на глобалниот глад утврди дека во градот Газа на северот на енклавата е забележана глад. Израел ги отфрли тие наоди како „лажни и пристрасни“.

Според здравствените власти во Газа, повеќе од 400 лица починале од последици поврзани со глад, додека израелската страна тврди дека бројките се преценети и дека дел од смртните случаи се резултат на други причини.

Израел, исто така, негира дека го ограничува влезот на хуманитарна помош во енклавата.

Зачлени се на нашиот е-билтен