Царинската управа на Северна Македонија ќе добие 4,8 милиони долари грант од Владата на Република Кореја за воспоставување систем за управување со ризици и податочен склад, како придонес за сузбивање на шверцот и даночното затајување.
Ова е резултат од меморандумот за соработка што го потпишаа Царинската управа и Царинската служба на Република Кореја.
Меморандумот го потпишаа директорот на Царината Стефан Богоев и директорот на Бирото за Информатички комуникациски системи при Царинската служба на Република Кореја, Ки Донг Ким.
„Воспоставувањето на систем ќе овозможи подобро таргетирање декларации во кои постои ризик за плаќање давачки во помал износ од реалната цена на стоката, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката. Во оваа насока нашите идни политики базирани на ваквиот систем ќе бидат насочени кон развој на Царинската управа и подобрување на менаџирањето со ризици. Подоброто управување со ризици значи заштита на финансиските интереси на државата и повеќе пари во Буџетот“, напиша на социјалните мрежи директорот на Цаирнската управа на Северна Македонија Стефан Богоев.