Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Грбин нема да се кандидира за нов мандат на чело на СДП на претстојните партиски избори

Лидерот на Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП) Пеѓа Грбин денеска соопшти дека нема да се кандидира за лидер на партијата на претстојните партиски избори.

-Имам намера да го исполнам тоа што го кажав пред парламентарните избори. Реков дека ако не правиме влада, ќе ја напуштам функцијата претседател на партијата. На претстојните партиски избори нема да се кандидирам за претседател на партија или за која било друга функција, изјави тој пред новинарите, пренесува Индекс.

Грбин додаде дека неговата работа како претседател на партијата е да обезбеди спроведување на изборите.

-До изборот на следниот претседател јас ќе ја водам партијата, рече Грбин.

Тој додаде дека на својот наследник ќе му каже дека „во парламентот има одличен тим кој може многу да работи“ и дека „претседателот на партијата треба повеќе да биде со граѓаните“.

Грбин денеска на прес-конференцијата по изборите за Европскиот парламент рече дека одговорноста за слабата излезност во Хрватска е најмногу кај владејачките партии, а осврнувајќи се на успесите на десничарските партии во некои земји, предупреди дека ЕУ се соочува со огромни предизвици.

На вчерашните избори СДП освои четири мандати, ХДЗ шест мандати, а Татковина и Моземо по еден. Одѕивот бил 21,34 отсто, пренесува ХРТ. 

Зачлени се на нашиот е-билтен