Грчкиот суд во четвртокот му изрече 15-месечна условна затворска казна на поранешен регионален гувернер во централна Грција и на уште тројца поранешни функционери поради справување со смртоносните поплави во 2020 година.
Циклонот Јанос ја зафати централна Грција во 2020 година, убивајќи три лица, поплавувајќи ги градовите и автопатите во регионот на Тесалија и претворајќи го земјоделското земјиште во езера од кал во близина на најтешко погодените градови Кардица и Фарсала.
Судот во четвртокот ги прогласи за виновни поранешниот регионален гувернер Костас Агорастос, поранешнио заменик-гувернер и двајца поранешни директори на технички проекти за пропусти што можеле да ги спречат поплавите. Тие ги негираа обвиненијата.
Агорастос пред судот рече дека не можел да спречи поплава, која се случува еднаш во 1.000 години и дека планира да поднесе жалба против пресудата.
Судот ги ослободи сите обвинети од обвиненијата за ненамерно убиство од небрежност поврзани со смртните случаи. Но, адвокатите кои ги застапуваат жртвите рекоа дека ќе преземат правни чекори за да ја поништат таа одлука.
„Бевме навистина разочарани од пресудата“, изјави за Ројтерс Василики Суфла, адвокатка на една од жртвите.
„Смртта на тие луѓе не беше несреќа, не беше лош момент. Тоа беше резултат на колективниот неуспех на државниот механизам“, изјави Суфла на новинарите пред судот.