Поранешниот министер за финансии на Грција во 2015 година бил нападнат пред ресторан во Атина. Јанис Варуфакис е грчки економист, основач и лидер на левичарската партија Европски реалистичен фронт за непослушност (MeRA25) и поранешен министер за финансии на Грција.
Варуфакис бил нападнат и претепан од група луѓе кога излегувал од ресторан во познатата атинска населба Егзархија, каде што се наоѓа и неговиот дом. Егзархија е позната како „оаза“ на грчките анархисти и на алтернативната сцена, во која полицијата не е добредојдена.
Според првичните информации, група луѓе му пришле на Варуфакис кој бил во ресторанот, почнале да го навредуваат и туркаат и на крајот физички го нападнале, пренесува порталот Катимерини.
Еден од напаѓачите го удрил Варуфакис во лицето и го повредил, поради што бил пренесен во болница каде му била констатирана фрактура на носната коска.
Thank U to our Greek NHS staff for treating me. Thank U all for your solidarity. Let us please stay focused: We are mourning the 57 victims of rail privatisation. We support the spontaneous youth rallies, the greatest hope that Greece can change. See you at the demonstrations 1/2
— Yanis Varoufakis (@yanisvaroufakis) March 11, 2023
Партијата на Варуфакис МеРА25 објави дека тој бил подложен на „храбар фашистички напад“.
Денешната епизода нека послужи да не потсети на оние кои намерно продаваат лажна и клеветничка приказна што ја искористија денешните насилници. Им порачуваме: не се плашиме, не бегаме, не отстапуваме. Во темнината, одговараме со еден збор: ДЕН, се вели во соопштението на МеРА25.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го осуди нападот врз Варуфакис и посочи дека насилството не може да се толерира.
Нападот врз господинот Варуфакис е апсолутно за осуда и нашата Република не може да го толерира. Му посакувам брзо закрепнување и сигурен сум дека грчката полиција ќе направи се за да ги изведе сторителите пред лицето на правдата, напиша премиерот во својата објава.