Новиот закон за безбедност во сообраќајот на патиштата, што предвидува построги казни за низа сообраќајни прекршоци, а има за цел значително намалување на сообраќајните несреќи во земјата, денеска, со широко мнозинство беше изгласан од грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција, земјата е над европскиот просек во смртните случаи во сообраќајни несреќи, а прекршоците, како што се користење мобилен телефон, пребрзо возење, неносење појас или кацига и возење под дејство на алкохол се клучните причини за несреќи.
Заменик-министерот за инфраструктура и транспорт Константинос Киранакис рече дека новиот закон „не е насочен кон казнување, туку кон превенција“ и е „одговор на податоците, што се преведува во изгубени животи“.
Поконкретно со новиот закон за користење мобилен телефон без притоа да се предизвика несреќа, казната е 350 евра и одземање на возачката дозвола за 30 дена, доколку се работи за прво прекршување.
При второто, казната е 1.000 евра и одземање на дозволата за 180 дена, а доколку возачот биде фатен третпат да користи мобилен додека вози, ќе треба да плати 2.000 евра и една година ќе остане без возачка дозвола.
Казните се построги ако поради употребата на мобилниот телефон биде предизвикана несреќа, а слични казни се предвидени и за некористење кацига или појас како од возачите, така и од сопатникот.
Неносењето појас во возилата или заштитна кацига на моторите досега се казнуваше со 50 евра и одземање на дозволата и регистарските таблици на 60 дена, додека пак сега, казната за возачите е 350 евра и одземање на возачката дозвола на 30 дена.
Совозачот на моторот, доколку не носи кацига ќе биде казнет со 350 евра, но казна ќе добие и возачот, па дури и да носи.
Истото важи и за безбедносниот појас, ако совозачот не носи ќе биде казнет со 150 евра, а иста казна ќе добие и возачот, без разлика дали носи или не.
Овие казни се однесуваат ако е прв прекршок. За вторпат, казните се 1.000 евра и одземање на возачката на 180 дена, а за третпат е 2.000 евра и возачот ќе биде една година без возачка дозвола.
За возење под дејство на алкохол, казните се движат меѓу 350 до 4.000 евра и одземање возачка од 30 дена до десет години, во зависност од количината алкохол и дали станува збор за прв, втор или трет прекршок.
Високи се казните и за возење со прекумерна брзина, за прекршување на сообраќајни знаци, за возење без дозвола итн.
Дополнително од 1 јануари 2026 година ќе се воведе ограничувањето на брзината во зависност од населените места, а до тогаш останува границата до 50 километри на час во градовите.