Грчките земјоделци повторно ги блокираа границите со Македонија

Граничните премини кон Грција и денеска се претвораат во политичка и економска сцена: трактори наместо туристички автобуси, барикади наместо слободен проток на стока и луѓе. Грчките земјоделци повторно ја затворија границата со Северна Македонија, испраќајќи порака до својата влада – но сметката, барем привремено, ја плаќаат превозниците, туристите и патниците од целиот регион.

Блокадата денеска ги опфаќа двата клучни премини Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија). На Евзони сообраќајот е планиран да се прекинува во два наврата – од 12 до 16 часот и повторно од 18 до 22 часот по локално време. Во тој период границата практично е затворена, освен за камионите што превезуваат грчки производи, кои земјоделците ги пропуштаат како дел од сопствената стратегија за притисок, а не за целосен колапс на сопствениот извоз.

Преминот Ники е затворен во блок од четири часа, почнувајќи од 11 часот по локално време, покажуваат податоците од грчката новинска агенција АНА-МПА. Паралелно, земјоделски блокови со трактори и механизација се поставени и на границите со Бугарија и Турција, каде што блокадите најмногу ги погодуваат товарните возила – со долг ред камиони и принудни обиколници што ги зголемуваат трошоците и го продолжуваат транзитот.

Протестите не започнуваат од нула. Од 30 ноември наваму бројот на блокади низ Грција се искачи на повеќе од шеесет точки – од северните погранични премини до автопатот Солун – Атина, каде главниот блок кај Никеа, близу Лариса, го пренасочува сообраќајот на споредни патишта. Грчките медиуми и меѓународните агенции предупредуваат дека блокадите на автопатите, пристаништата и аеродромите се претвораат во национална инфраструктурна криза, особено за камионскиот и туристичкиот сообраќај.

Причините за револтот на земјоделците се длабоки и се акумулираат со години. Тие се жалат на драстично зголемени трошоци за производство, ниски откупни цени на земјоделските производи и сериозни последици од скандалот со европските земјоделски субвенции – истраги за злоупотреби, лажни пријави за земјиште и блокирани исплати. Во игра се повеќе од 600 милиони евра доцнети средства од ЕУ, а земјоделските здруженија предупредуваат дека без тие пари многу фарми ќе останат без можност за нова сеидба.

Од владиниот врв во Атина стигнува порака дека државата е подготвена за дијалог и дека до крајот на годината ќе бидат исплатени дополнителни средства за поддршка на земјоделците. Но, истовремено, властите предупредуваат дека клучните транзитни рути не смеат да останат трајно блокирани – веќе е најавена можност за интервенција на полицијата на местата каде што, според владиниот наратив, е загрозена јавната безбедност и меѓународниот сообраќај.

Зачлени се на нашиот е-билтен