Грција ги кочи цените во продавниците, Македонија засега бара само фер цени

Грција ги кочи цените во продавниците со нова тримесечна мерка што владата на Кирјакос Мицотакис ја објави на 11 март, во обид да спречи ценовен бран во супермаркетите поради растечките енергетски трошоци и турбуленциите на пазарот предизвикани од кризата на Блискиот Исток. Наместо директно да ги замрзне цените, Атина се реши за ограничување на профитните маржи кај горивата и кај низа производи на полиците, со порака дека геополитичката нестабилност не смее да стане изговор за нов бран на профитерство.

Во делот што најмногу ги засега граѓаните, мерката за супермаркетите опфаќа 61 категорија производи, а бруто-маржата за секој поединечен производен код не смее да го надмине просекот што бил евидентиран во текот на 2025 година. Со тоа, владата не воведува класична административна цена, туку се обидува да ја задржи цената во продавниците под контрола така што ќе го ограничи просторот за дополнително вградување заработка врз веќе зголемените трошоци.

Мерките стапуваат во сила веднаш и, според објавеното, ќе важат до крајот на јуни, со можност да бидат продолжени ако пазарниот надзор оцени дека ризикот од нови поскапувања останува висок. За прекршувања се предвидени казни до пет милиони евра, што покажува дека Атина сака не само симболично да интервенира, туку и да испрати сигнал дека државата ќе реагира ако трговците се обидат кризата да ја претворат во дополнителен профит.

Самиот Мицотакис призна дека владата не може да ги сопре таканаречените примарни поскапувања, односно ударот што доаѓа од надворешните пазари, но нагласи дека може да постави црвена линија таму каде што почнува шпекулацијата. Министерот за развој Такис Теодорикакос ја надополни таа порака со став дека профитот е легитимен, но профитерството не е, со што владата се обидува мерката да ја претстави како заштита на потрошувачите, а не како казна за трговијата.

Од поширок агол, овој потег покажува колку цените на храната и основните производи повторно стануваат политички чувствителна тема во Грција. Екathimerini објави дека властите регистрирале поскапувања кај повеќе од 11.500 производни кодови откако претходното ограничување било укинато, што сега ѝ дава аргумент на владата да го врати плафонот. Во исто време, дел од грчката јавност и бизнис-заедницата предупредуваат дека ваквите мерки можат да донесат краткорочно смирување, но не и трајно олеснување ако не бидат проследени со силни контроли и пошироки економски интервенции.

Така, пораката од Атина е јасна: додека кризата околу нафтата и транспортот се заканува да ја оттурне инфлацијата нагоре, државата се обидува барем на полиците во продавниците да го забави новиот удар врз домашниот буџет. Но самиот избор на ваква мерка открива и нешто подлабоко — дека стравот од поскапувања веќе не се мери само на бензинските, туку и во количката пред касата.

Зачлени се на нашиот е-билтен