Грција ќе го надгради граничниот премин Евзони

Архитектонска и енергетска надградба на постоечките објекти и инфраструктура, сообраќајна надградба на патната мрежа преку прераспоредување на активностите, како и обезбедување на потребните услови за значително подобрување на услугите за пасошката, царинската, фитосанитарната и ветеринарната контрола, предвидува проектот „Надградба на граничниот премин Евзони – Килкис“ на Министерството за внатрешни работи на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно одлуката на надлежниот министер Теодорос Ливаниос, објавена вчера, проектот за надградба на граничниот премин кон нашата земја од грчка страна вклучен во „Програмата за јавно-инвестициски проекти на Министерството за внатрешни работи за периодот 2021 – 2025“, е во висина од 24,6 милиони евра, а има за цел „да го олесни прекуграничното движење и трговија, да ја зголеми ефикасноста на граничните контроли, да го намали времето на чекање за патници и возила, да ја зголеми соработката на земјата со С. Македонија, а со тоа да придонесе за зајакнување и подобрување на добрососедските односи“.

Дополнително, со надградбата Грција ќе се усогласи и со соодветните ЕУ регулативи што ја уредуваат прекуграничната размена на лица и стоки, како што се: Регулативата за системот Шенген, Системот за влез-излез (ЕЕС); Системот ЕТИАС, со Европската гранична и крајбрежна служба ФРОНТЕКС (ЕУ 2019/1896), Царинскиот кодекс на ЕУ) и со Фитосанитарните и ветеринарните регулативи.

Како што пишува во одлуката на грчкиот министер, датумот на започнување на проектот е 12 август 2025 година, а „датумот на завршување на проектот се определува на 31 декември 2027 година“, додека вкупна вредност на проектот е 24.625.695,05 евра.

Според генералниот секретар на децентрализираната администрација на регионот Македонија – Тракија Димитрис Галаматис, интервенциите на граничниот премин Евзони „се од клучно значење“, а проектот значително ќе придонесе за нормализирање на движењето на граѓаните, како и за побрзо спроведување на процедурите при преминување на границата.

Зачлени се на нашиот е-билтен