Грција најавува итна модернизација на граничниот премин Евзони. Ќе се спроведува во две фази, завршување на работите до 2026 година

Во пресрет на летната туристичка сезона, Грците најавија модернизација на граничниот премин, низ кој годишно минуваат околу пет милиони луѓе.

Грчката влада започна итен план за модернизација на еден од најпрометните гранични премини со Македонија, Евзони со цел да се намали времето на чекање и да се олесни влезот на туристите во текот на летната сезона.

Одлуката е донесена на проширен состанок во Солун, кој заеднички го свикаа заменик-министерот за внатрешни работи за областа Македонија-Тракија, Константинос П. Гкулекас, и секретарот на децентрализираната администрација на Македонија-Тракија, Јоанис Савас, пишува Националната асоцијација на туристички агенции YUTA.

Во првата фаза е планирано да се зголеми бројот на службеници на самиот премин, што, според учесниците на состанокот, треба веднаш да придонесе за забрзување на пасошките и царинските проверки. Ова би ги намалило толпите што често се формираат во текот на летните месеци на влезот во Грција, особено од правец на Србија и Македонија.

Втората фаза вклучува обемна реконструкција на инфраструктурата на граничниот премин. Планирана е целосна реновација на зградата, паркинг просторот и организацијата на сообраќајот во транзитната зона, а завршувањето на работите се очекува до 2026 година.

„Целта е сите патници, веќе по влегувањето во Грција, да добијат впечаток за добро организирана, европска граница“, изјавија претставниците на надлежните органи.

Фокус на летната сезона

Заменик-министерот Гулекас изјави дека покрај долгорочните работи, веќе се спроведуваат мерки што ќе овозможат полесно и побрзо преминување на границата за време на претстојната туристичка сезона.

„Покрај сеопфатната модернизација на зградата, преземаме чекори за да избегнеме долги застоји за патниците уште ова лето“, рече Гулекас.


Јоанис Савас додаде дека приоритет на Владата е забрзување на процедурите и дека студијата за реконструкција веќе е доставена до надлежните министерства за одобрување.

Мултимилионски патнички сообраќај

Според официјалните податоци, во текот на 2024 година, околу пет милиони патници поминале низ преминот Евзони. Само во првите четири месеци од 2025 година, регистрирани се уште милион преминувања, што дополнително ја потврдува потребата од забрзана модернизација на овој граничен премин.

Според извештаите, на состанокот присуствувале генералниот секретар на Министерството за внатрешни работи Савас Кионидис, градоначалникот на Пајонија Костас Сионидис, заменик-регионалните гувернери Парисис Биљас и Андреас Вергидис, како и регионалниот директор на полицијата на Централна Македонија, бригаден генерал Илијас Скандалис.

Како што рекоа учесниците, присуството на претставници на локалните и државните власти ја потврдува „заедничката решеност да се создадат достојни услови за прием на милиони туристи кои влегуваат во земјата по пат“.

Зачлени се на нашиот е-билтен