Грција денеска е парализирана од 24-часовниот генерален штрајк прогласен од двата најголеми синдиката, GSEE и ADEDY, како реакција против новиот закон за работни односи.
Во штрајкот учествуваат вработените во јавните болници (лекари, медицински сестри, итна помош), наставници и професори, како и судски службеници. Синдикатите бараат повлекување на предлог-мерките за воведување 13-часовен работен ден, намалување на работното време на 37,5 часа неделно и враќање на правото на колективно договарање. ADEDY дополнително бара враќање на 13-та и 14-та плата и зголемување на јавните плати.
Како функционира јавниот превоз?
– Метро (Линии 1, 2 и 3) и трамвај: ќе сообраќаат ограничено, од 09:00 до 17:00 часот.
– Автобуси и тролејбуси: ќе возат од 09:00 до 21:00 часот, со прекин пред и по тој термин.
– Такси: Здружението на таксистите во Атика најави учество во штрајкот.
– Возови: Сите линии се прекинати поради одлуката на Панхеленската федерација на железничари.
– Бродови: Тие остануваат врзани во пристаништата до полноќ, бидејќи се приклучи и Поморската федерација.
– Летови: Контролорите на летање се приклучуваат на штрајкот, па се очекуваат откажувања и доцнења на авионски линии. Исклучок се само итните и државните летови.
Други сектори
Во болниците работи само итен персонал, додека голем број јавни училишта денеска остануваат затворени поради учество на наставниците во штрајкот.
Синдикатите порачаа дека „работното време не е стока, тоа е нашиот живот“ и најавија масовни протести низ грчките градови, со почеток во 11 часот.