За девет месеци од јануари до септември оваа година, приходите од туризмот за Грција се зголемени за девет отсто во споредба со лани, а зголемување за четири проценти има и во бројот на туристи кои ја посетиле земјата, според податоците од Банката на Грција.
Во првите девет месеци од годинава приходите се 20,1 милијарди евра, зголемување, што според Банката на Грција, се должи како на зголемувањето на приходите од жителите на земјите од Европската Унија за 5,6 отсто, така и на зголемувањето на приходите од посетители од останатите земји за 12,7 проценти.
Во однос на бројот на туристи, во конкретниот период Грција ја посетиле 31,6 милиони, бројка, што е за 4 отсто повисока споредбено со 2024 година.
Патничкиот сообраќај и преку аеродромите и преку копнените гранични премини бележи пораст од 4,3 отсто, а бројот на патници од земјите членки на ЕУ-27 изнесувал 18,89 милиони патници, 0,8 отсто повеќе во споредба со истиот период во 2024 година, додека пак од останатите земји е за 9,3 проценти повисок, достигнувајќи 12,7 милиони посетители.
Во септември годинава иако имало зголемување за 3,6 отсто на бројот на туристи во Грција, сепак тоа не резултирало со зголемени приходи, со оглед на тоа што, се намалени за 3,6 проценти.
Министерката за туризам на Грција Олга Кефалојани, коментирајќи ги податоците од Банката на Грција истакна дека со стратешко планирање и соработка, инвестираат во „одржлив, отпорен, конкурентен и корисен туризам што создава можности за сите грчки граѓани“.
„Веќе влеговме во една ера во која квалитетниот туризам ги создава сите предуслови овој силен столб на грчката економија да значи поквалитетен развој на бизнис и инвестициската активност, поквалитетни работни места и локални заедници кои се развиваат рамномерно и на одржлив начин, како дестинации. Но, пред сè, овој колективен успех создава силен услов за зголемување на повратната корист што туризмот ја носи на грчкото општество, која се распределува правично и рамномерно“, порача Кефалојани.
Минатата година беше рекордна за туризмот во Грција со речиси 36 милиони туристи и приходи од 21,7 милијарди евра, додека пак очекувањата се дека оваа година земјата ќе постигне нов историски рекорд.

