Грција распоредува батерија од противвоздушниот систем „Патриот“ на островот Карпато во југоисточниот дел на Егејското Море, во услови на засилени безбедносни мерки по дронскиот напад врз британската база РАФ Акротири на Кипар. Потегот доаѓа во момент кога тензиите во источниот Медитеран се зголемуваат по ширењето на конфликтот на Блискиот Исток.
Во објавените информации се наведува дека префрлањето на „Патриот“ кон Карпато е дел од поширок пакет мерки за зајакнување на воздушната одбрана. Притоа, Атина веќе најави и испраќање воена поддршка кон Кипар, вклучително и фрегати и борбени авиони Ф-16, додека грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас треба да има средби во Никозија за координација на следните чекори меѓу двете земји.
Нападот врз Акротири дополнително го подигна нивото на тревога на островот. Во одделни инциденти беше регистриран удар на дрон во зоната на базата, а подоцна беа пријавени и пресретнати летала, по што во базата се огласиле сирени и биле забележани полетувања на авиони.
Паралелно со грчките потези, се засилува и европската безбедносна поддршка за Кипар, што покажува дека нападот врз британската база веќе се третира како настан со пошироки регионални последици, а не само како изолиран инцидент.