Гренланд му порача на Трамп: Рацете подалеку од нашите минерали!

Гренланд

Гренландската влада јасно стави до знаење дека за развојот на минералниот сектор на островот нема да се одлучува од надворешни сили, по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека постигнал договор со НАТО околу ресурсите на островот.

„Сè е на маса, освен нашиот суверенитет“, изјави министерката за минерални ресурси Нааја Натаниелсен за POLITICO. Таа додаде дека Гренланд никогаш нема да дозволи иднината на својот минерален сектор да се диктира од странски земји.

Министерката остро ги отфрли тврдењата дека кој било надзорен одбор за минералите на островот, формиран од друга држава, би можел да одлучува за ресурсите. „Тоа би значело откажување од нашиот суверенитет. Нашите минерали се наша надлежност“, рече Натаниелсен.

Гренланд располага со огромни резерви на ретки земни елементи, нафта, гас, злато и метали клучни за чиста енергија, од кои значителен дел сè уште се неискористени. Министерството истакнува дека и покрај цврстиот став, отворено е за мултилатерална соработка и договори за рударство, но никогаш по цена на сопствениот суверенитет.

По средбата на премиерот на Гренланд Јенс Фредерик Нилсен со данската премиерка Мет Фредериксен, беше потврдено дека се работи на дипломатски решенија со САД, додека Европската унија интензивно гради свој ланец за снабдување со минерали.

„САД не се непријател, но не е секогаш пријател“, додаде Натаниелсен, коментирајќи ја динамиката на трговските преговори и интересите за минералните ресурси на островот.

Гренланд со ова повторно ја потврди својата позиција: надворешни сили немаат право да одлучуваат за богатствата на овој арктички остров.

Зачлени се на нашиот е-билтен