Гренландскиот премиер до Трамп: Не сме за продажба, прибери се

„Гренланд не е територија што може да биде анектирана или преземена со нечија волја“ – порача премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, оценувајќи дека поддршката од европските сојузници и НАТО е клучна за заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на островот, кој е во состав на Кралството Данска, притоа во коментар на националната телевизија остро му порача на Трамп да почне да се однесува цивилизирано и да се прибере и себе и својот син кој упорно лобира за отцепување на Гренланд.

Во објава на социјалните мрежи, Нилсен наведе дека Гренланд во последните години ги засилил дипломатските и политичките активности за јасно да стави до знаење дека жителите на островот сами одлучуваат за својата земја и за нејзините граници, а дека резултатите од таквиот пристап се гледаат преку растечката меѓународна поддршка.

Како доказ за таа поддршка, се посочува заедничка изјава на европски лидери во која се нагласува дека „Данска и Гренланд, и само тие, треба да одлучат за прашања што се однесуваат на нив“, со порака дека безбедноста на Арктикот треба да се јакне колективно со сојузниците. Изјавата ја потпишаа лидерите на Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија, Обединетото Кралство и Данска.

Реакциите доаѓаат во контекст на обновени тензии околу статусот на Гренланд, по јавни пораки од Вашингтон за американски интерес кон арктичката територија. Дел од европските влади предупредија дека секое подривање на принципите на суверенитет и неповредливост на границите би имало последици и врз кохезијата на НАТО.

Зачлени се на нашиот е-билтен