Сезоната на грип во Македонија забрзува. Во текот на 48. недела од 2025 година, од 24 до 30 ноември, во земјава биле пријавени 114 случаи на грип и заболувања слични на грип, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. Тоа е зголемување од 25,3 отсто во однос на претходната недела, што јасно најавува дека сезоната влегува во фаза на побрзо ширење.
Во споредба со истата недела од минатата сезона, скокот е уште поизразен – забележано е зголемување од 75,4 проценти. Ако се спореди со моделот за последните 15 сезони, регистрирано е зголемување од 2,7 отсто, што покажува дека годинашната сезона веќе се движи над долгорочниот просек.
Заболените оваа недела се регистрирани во 11 центри за јавно здравје и подрачни единици. Најмногу случаи има во Куманово – 49, потоа во Струмица со 16, Штип со 11, Тетово со 9, Гостивар со 7, Прилеп и Кавадарци со по 6 случаи, Македонски Брод со 5, Неготино со 3, а по еден новозаболен се пријавени во Радовиш и Скопје.
Од почетокот на сезоната 2025/2026 досега, вкупниот број на регистрирани случаи на грип и заболувања слични на грип изнесува 776. Тоа е зголемување од 70,9 проценти во однос на истиот период лани, а во споредба со моделот за последните 15 сезони – раст од 25,9 проценти. Кумулативно, заболени се пријавени од 15 центри за јавно здравје и подрачни единици низ државата.
Најголем број на заболени лица се регистрирани на подрачјето на Гостивар, додека највисока кумулативна инциденца – односно најголем број случаи во однос на бројот на жители – се бележи во Македонски Брод. Очекувано, најмногу заболени има во возрасната група од 15 до 64 години, која го опфаќа поголемиот дел од населението: досега се пријавени 584 случаи во оваа група.
Институтот за јавно здравје потсетува дека вакцинацијата против сезонски грип останува најефикасната заштита од заболувањето и неговите компликации, особено кај хронично болни лица, постари граѓани, бремени жени и здравствени работници. Апелот е граѓаните да ги следат препораките на матичните лекари, да се вакцинираат навреме и да внимаваат на личната хигиена и избегнување близок контакт со заболени – бидејќи статистиката јасно покажува дека сезоната на грип во земјава веќе е во подем.

