Грипот ја губи силата, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), кој во петтата недела од 2026 година (26 јануари – 1 февруари) регистрирал 1.498 случаи на грип и заболувања слични на грип во Македонија, што е за 12,3 проценти помалку во однос на претходната недела, кога биле евидентирани 1.708 случаи.
Иако епидемиолозите очекувале зголемување во овој период од сезоната, трендот на неделно ниво и минатата и оваа недела оди надолу. Според извештајот, бројот на заболени е значително помал и во споредба со истата недела од минатата сезона, како и во споредба со т.н. типична епидемиска крива моделирана од последните 15 сезони, при што регистрираната неделна инциденца се оценува како ниска активност.
Во истиот период е пријавен и еден смртен случај асоциран со грип: починато е машко лице на 62-годишна возраст од Тетово, хоспитализирано на Инфективното одделение во Клиничката болница во Тетово. Кај пациентот биле утврдени коморбидитети, не бил вакциниран против сезонски грип, а лабораториски била потврдена инфлуенца А. Со ова, во сезоната 2025/2026 се евидентирани вкупно четири починати лица асоцирани со грип.
Во однос на возрасната структура, најмногу заболени се лица на возраст од 15 до 64 години (866 случаи), по што следуваат деца од 5 до 14 години (247), лица над 65 години (224) и деца од 0 до 4 години (161). Највисока инциденца е регистрирана кај најмладата возрасна група, децата од 0 до 4 години.
Од почетокот на сезоната 2025/2026, вкупно се регистрирани 11.415 случаи, при што најголемиот дел од нив се евидентирани во јануари, што укажува на изразен сезонски пик. И покрај намалувањето на пријавените случаи на неделно ниво, вирусолошкиот надзор покажува регионална географска активност на вирусот на грип, а процентот на позитивност е над границата од 10 проценти осум недели по ред, што според ИЈЗ упатува на среден интензитет на вирусот.
Здравствените власти повторно потсетуваат дека вакцинацијата останува најефикасната заштита, особено за ризичните групи. Заклучно со петтата недела од 2026 година, вакцинирани се вкупно 79.105 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.