Груевски, Ставревски и Канчевска-Милевска се меѓу 15-те лица осомничени во „Скопје 2014“ за перење пари во набавката на 10 споменици, дел од нив веќе се приведени

Експремиерот Никола Груевски, ексминистерката Елизабета Канческа-Милевска, ексминистерот за финансии Зоран Ставревски се дел од осомничените во предметот „Скопје 2014“ заедно со поранешните градоначалници на Центар, Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова. Заедно со овие лица, како што соопшти јавниот обвинител Љубомир Лапе кој го презеде овој предмет од СЈО во Обвинителството за организиран криминал и корупција, вкупно 15 лица се под истрага за набавка на десеттина споменици проектот Скопје 2014, за кој се води постапката.

„По опсежно проверена постапка под кодно име ‘Феникс’, поднесени се барања за претреси, одземање на имот поради идна конфискација, замрзнување на банкарски сметки и барање за притвор. Се спроведува постапка против 15 лица, каде освен македонски државјани има и државјани од Италија, поради сомневање дека сториле кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари“, посочи обвинителот Љубомир Лапе.

Како што е веќе познато досега меѓу приведените се Владимир Тодоровиќ, поранешен градоначалник на Општина Центар и Владимир Здравев, претседател на Советот на Општина Центар во времето додека Тодоровиќ беше градоначалник.

Од спомениците за кои се води постапката опфатени се „Воинот на коњ“ на плоштадот „Македонија“, лавовите, Даме Груев, Гоце Делчев, Никола Карев, Цар Самоил, Првото заседание на АСНОМ – изработени од исто правно лице во Италија.

На прес конференцијата обвинителот Лапе информираше и за други деталји од обвинението.

„Од втората половина на 2007 година, првоосомничениот (Никола Груевски) искористувајќи ја службената положба како претседател на Владата, како и тогашниот советник и градоначалник на Општина Центар, се приврзале за добивање значајна корист. Осомничените почнале со реализација на проект ‘Скопје 2014’ за кој не постои програма, документ од надлежен орган. Иако станувало збор значајни за државата, иницијативите се поднесувале пред Совет на Општина Центар, па се отпочнувале постапки за меморијални споменици за кое единствено надлежно е Собранието. Осомничените потпишувале незаконски владини одлуки и трансферирале средства во Општина Центар. Осомничените си обезбедиле финансиски средства, вкупен износ од 57 милиони евра“, кажа обвинителот Лапе.

Јавниот обвинител Љубомир Лапе

Наместо Собранието, кое ја имало надлежноста, одлучувал Советот на Општина Центар, што за обвинителот Лапе е заобиколување на парламентарната контрола.

„На тој начин, осомничените го нарушиле начелото за поделба на власта, а од стручната јавност и граѓаните го прикриле вистинскиот износ кој е платен“, посочи обвинителот.

За градоначалниците Тодоровиќ и Аларова, посочи дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.

„Петто и шесто осомничените како градоначалници на Центар, четврто осомничениот како претседател на Советот на Центар, при вршењето на јавни набавки, направиле продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Тие спровеле незаконски јавни набавки. При изборот прифатиле понуди со нереални цени.. Италијанскиот државјанин потпишувал договори иако немале дејност леење и изработка на мебел. Со под договори, тој лажно прикажувал дека ги изработувал, а работите ги префрлал на други правни лица“, додаде Лапе.

Парите од Италија исплаќани од Македонија, биле враќани, тврди обвинителот.

„Лица од Италија, преку правните лица, преку банкарски средства со фиктивни фактури пренеле пари од Италија во Македонија. Овие средства од правното лице во Македонија и предадени на еден од осомничените, дел префрлени на други правни лица каде повторно биле подигнати во готовина.

За четврто осомничен Владимир Здравев, постои сомневање дека создал група за перење пари. Членови биле други осомничени, меѓу кои, Италијани.

Според Лапе, тендерски се плаќани дупло, наспроти набавната вредност во Италија. Истрагата е во тек.

Зачлени се на нашиот е-билтен