Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Гулабите не се лажат како гласачите

На гулабите им требаат 30 дена за да откријат успешна стратегија, а Македонецот не научи ни после 6500 дена, а веројатно бројкава е поголема – повеќе од 10 илјади дена, од самиот референдум за независност досега. 

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Знаејќи ја „играта“ на Монти Хол од задачите по веројатност (инаку вистинско шоу од шеесеттите во Америка, “Let’s make a deal” во кое Монти Хол е водителот), ми привлече внимание едно психолошко истражување на истиот проблем каде што играчи се гулаби. Истите поставки на играта потоа се направени со средношколци и основци – доброволци. Резултатите се многу интересни во корист на гулабите и кажуваат нешто за образованието, за рационалното мислење, но и за ирационалните метапроцеси кои надвладуваат над рационалното мислење.

Вака оди задачата: Водителот на почетокот му нуди на играчот да избере една врата од три, сите отпрвин затворени, да погодува зад која од трите врати е наградниот автомобил. Зад две од вратите има по една коза, која означува дека нема добивка. Играчот, нормално, со избирање на една од вратите, не знаејќи зад која е наградата, смета дека шансите да ја избрал добитната врата е 1 од 3 (т.е. 1/3). Меѓутоа откако играчот избира врата, водителот отвара друга врата – не избраната и покажува коза зад неа, односно недобитна врата. Во тој момент водителот го прашува повторно играчот – дали ќе си стои на првиот избор на врата или ќе го промени својот избор за другата врата.

Навидум, во овој момент изгледа дека шансите на играчот да ја погоди вратата со автомобилот се пола-пола, бидејќи сега од играчот се бара од две врати да избере една. Зад точно една врата стои наградата и, истовремено, зад точно една врата има само коза. Но, тие што добро ќе размислат (или веќе ја знаат веројатносната пресметка), веднаш ќе кажат дека шансите играчот да го добие автомобилот се поголеми доколку го смени изборот, и тоа 2 пати поголеми отколку кога не би го сменил (2/3 шанси ако смени наспрема 1/3 шанси ако не смени). Тоа е прилично далеку од пола-пола!

Проблемот во минатото бил поставен како забавна задачка во магазини од разни земји во светот. Од десетиците илјади писма на читателите, преку 90 проценти протестирале против точното решение дека повеќе шанси за погодок има со менување на првобитната одлука и масовно „докажувале“ како шансите за наградата би морале да бидат 50-50!  Овие сознанија ги собрале двајца истражувачи (Хербрансон и Шредер од Витман Колеџот во Вашингтон) пред 15-тина години, па направиле некои експерименти кои ги содржат компонентите од проблемот, но соодветни за гулаби. Наместо награда автомобил, секако, ставиле вкусен оброк за гулаби, а наместо кози – ништо. Наместо водител кој отвара врата со коза, постапката е програмирана да заклучува една вратничка зад која нема ништо после првобитното клукање на гулабот на некоја од другите врати. После само 30 дена, гулабите успешно научуваат: Од 36% успешност да го добијат вкусниот оброк на првиот ден, до 96% успешност на 30-тиот ден. Гулабите научиле дека поуспешна стратегија е да го сменат првобитниот избор во оваа игра. За разлика од нив, средношколците и после 200 обиди на сличен апарат не биле ни оддалеку така успешни како гулабите. За разлика, пак, од нив, основците побрзо сфатиле дека менувањето на првобитната одлука е подобра стратегија, но сепак не толку успешно како гулабите. Истражувачите ги објавиле резултатите во списание за компаративна психологија и истражувањето беше популарно во научните магазини.

Нивната претпоставка е дека нешто во образованието е виновно за несфаќањето на стратегијата за избор во своја корист. Сметаат дека тоа се пребрзите евристики, пребрзите квази-логични одлуки, односно прескокнување на елементи од проблемот – невнимание кон одлуките што не зависат од самиот играч во целокупниот систем на проблемот кој се презентира пред него. Моќта на емпириското стратегизирање е во вниманието и паметењето на грешките во претходните избирања. За американското шоу, пак, водителот, некогаш (погодете кога), зајадливо поттикнува – „дали ќе си достоиш на оригиналниот избор“. Оригиналниот избор е случајност, со ништо оправдана, но водителот знае да предизвика емоција на суета преку „запазување на интегритетот“. Со други зборови, од невнимание, непамтење и ирационална разгорденост се избира неуспешна стратегија спротивна на сопственикот интерес.

Критички мислители режимите нејќат, оти мамењето не им минува кај таквите. Затоа тие го толчат образованието на различни начини

Ова парадоксално однесување на „секојдневните“ луѓе, дури и на доста високо образовани, не само што потсетува на сѐ полошото избирање за време на избори за кој да ја води државата, туку ги содржи и суштинските елементи кои, од еден, теоретски, необоен популизам, формираат нешто блиско на фашизам. Во основа, ова е тврдење дека – колку помалку внимание, помалку паметење и повеќе наседнување на погрешна емоција (токму состојките за постојана погрешна стратегија во задачата на Монти Хол), толку повеќе масата избира спротивно на своите реални интереси. Реалните интереси редовно се од социјална природа, додека вештачки поткренатата емоција е национал-популистичка измама. Не е чудо што тоа се сведува на бирање на диктатор (во момент кога сеуште може да се бира). Имено, за овие елементи – невнимание, непамтење и емоционално наседнување, знаеме дека се елементи на пониска интелигенција и иако тоа не е директно она кое е протофашистичко, сепак налепува искористувачки карактери, кои опиени од моќта лесно конвергираат кон ниски страсти, сѐ до „сотирање“ на неистомисленици, поточно на оние кои ја согледуваат измамата. Критички мислители режимите нејќат, оти мамењето не им минува кај таквите. Затоа тие го толчат образованието на различни начини – од стимулација за одлив на мозоци и претеран притисок врз високото образование кадешто има опасност за појава на критички мислители (овде тоа се отсликува во очигледно национал-популистичката измамничка емоција за, невозможно за ваква неразвиена држава, прејака метрика на Шангајската листа), преку средното образование – да чмае со старовремски заглупавувачки лектири, програми и методи, со недостаток на ресурси и длабоко потценета работа на наставниците, до тешко поправливиот ‘ршум во основното образование со преголем процент од педагошки несоодветен кадар, покрај заглупавувачките текстови, постојаните враќања на предмети за учење напамет и засмрдување на програмата па математика со пресметки (од „кембричот” наваму) – наместо со вежбање на логичкото, критичко мислење.

Понатаму, предизборните кампањи популистите ги водат како вистинска сексуална предигра: Поткревањето на емоцијата што го бои популизмот (крајно десно најчесто) се постигнува со измамничко вовлекување кон маса народ врескајќи му в увце позитивен квалитет, таков којшто секоја единка има голема желба да го има. Секако дека тоа е измама, можеме да го процениме тоа имајќи ја на ум и простата измамничка сугестија за „интегритет“ на Монти Хол, во однос на бесмислениот првобитен избор. Таква е и употребата на именката за „гордост“ во „Македонија повторно горда“, такви се многу зборови за емоција која не значи ништо во контекстот или барем не исто за секого, на пример како “great” во Трамповиот слоган MAGA. Таа вештачки подигната емоција идниот диктатор ја дополнува со сугестија за присвојување на масата кон себе во облик на „сличниот на сличниот му се радува“. Доколку е со додавка, „ако не му е сличен – да се сотре“, тогаш тоа бргу е фашизам. Такви се сите расни и национални и други видови шовинизми. Не ни е толку туѓ последниов грд израз, не толку одамна го слушнавме во прислушуваните материјали од една министерка за внатрешни работи: „Ќе ги сотреме…“

Предизборните кампањи популистите ги водат како вистинска сексуална предигра: Поткревањето на емоцијата што го бои популизмот (крајно десно најчесто) се постигнува со измамничко вовлекување кон маса народ врескајќи му в увце позитивен квалитет, таков којшто секоја единка има голема желба да го има.

Освен емоцијата која се наткрева сосила, со извештачена улога да го замати разумот наместо да биде компас кон правилен избор, се генерира еден вид на недостаток на информации, не само преку преку лажење против „несличните“ (ова е веројатно пракса уште од пештерските кланови) туку и со нетранспарентност. И овој елемент го има при погрешното стратегизирање во задачата на Монти Хол (подолу ќе образложам како играта со само три врати е просто, финта на нетранспарентност). Дезинформациите и нетранспарентноста се две страни од иста паричка. Во светот, таа паричка е главно со ликот на Трамп, но и Болсонаро, па и Ердоган, а во Европа – со Орбан. И приврзокот на Орбан, вагончињата на нашето ВМРО-ДПМНЕ сеуште се обидуваат да се вбројат таму, затоа што токму од маса луѓе (нивните бирачи) со чии емоции управувале, оправдано се надеваат и на нивната заборавност покрај невниманието, односно недостатокот на критичкото мислење. Младите критички мислители се избркани во странство, главно во 11-те години на груевизмот и претходно со непотребната војна во 2001.

Мерката за просечната интелигенција овде не е на добрата страна. Тоа се огледува и во фактот што 6500 денови од кои 4000 денови повторување на експериментот „каде не се наоѓа наградата“, не се доволни да се запамти засекогаш да не се наседнува на емоции без врска со социјалните околности.

Да се потсетиме – на гулабите им требаат 30 дена да ја откријат успешната стратегија. Што значеше тој експеримент, до 2017 – 4000 дена секој ден од антисоцијални, антимлади и антиженски политики, ниски статични плати, расфрлачко уживање на еден тесен владеачки круг, „Миле-ми-текна“ и режим за „сотирање“ на неистомисленици (коешто за среќа не беше во буквалното значење на зборот, освен на 27 април 2017)? Потоа, не беа ли доволни 7 години, дополнителни 2500 дена, со нормални, човечки социјални политики, држење под контрола на цените на храната, зголемување на платите и пензиите, и – плукање по сето тоа како „недоволно“, па истото да послужи потоа кога ќе гонема, како осознавање за што би можело да биде барем дел од добитноста на една реална „добитна врата“? Правецот по кој треба да се оди? Социјалните и економските планови и програми се реалните маркери за проценка на стратегијата што е реалниот интерес на граѓанинот, а не десничарските измамнички слогани. Значи, Македонецот не научува ни после 6500 дена, а веројатно бројкава е поголема – повеќе од 10 илјади дена, од самиот референдум за независност досега. 

Да се вратиме на загатката на Монти Хол. За оние на кои им изгледа неприфатливо зошто после отварање на една од трите врати шансите за добивка се мерат пак во третинки наместо во половинки, објаснувањето е ова: Дејството на отварање недобитна врата од страна на водителот, не е случаен избор, тоа дејство е со знаење дека таа врата е недобитна и затоа е ништовно за целиот систем (така и режимите го вртат народот околу малото  прсте). Имено, првоизбраната врата е со 1/3 шанси зад неа да е наградата, а другите две врати заедно носат 2/3 шанси. Тие шанси остануваат 2/3 и кога водителот отвара недобитна врата од тие две, бидејќи тоа го прави знаејќи дека е недобитна. Затоа 2/3-те шанси се префрлаат на неотворената и неизбрана врата. За да се согледа колку е ништовно дејството на отварање намерно недобитна врата после избор на една случајна, помага ако замислиме 10 врати, па случајно избереме една, на пример 10-тата. И сега замислете го водителот како ги отвара вратите 1, 2, 3, 4, 5, 6, седмата ја остава затворена, па ја отвара вратата 8, па 9 и избраната 10-та врата ја остава затворена. Сигурно ќе си речете „па сигурно поголеми шанси имам со седмата врата отколку 10-тата којашто и така безврска ја избрав“. Тоа е тоа: Првобитниот избор е 1/10 (10%) шанси, а во седмата врата се концентрираат останатите 9/10 (90%) шанси. А не пола-пола иако се две на крајот.

Но, со организација на играта со три врати се создава едно нетранспарентено затемнување на умот, слично како игрите на нетранспарентност на моќниците, овде оние кои сега нејќат Отворени финансии и нејќат по агрегатори да се гледаат набавките од народните пари. За ЕУ исто така е темно – ни збор, а ЕУ за нас е токму напредок во социјалниот и економскиот домен, да не зборуваме што првото поглавје кое требаше да се отвори се однесуваше на правдата, администрацијата и набавките. Масата гласачи за оваа власт рекле НЕ на тие критериуми, залудени од обичниот плагијат „Версајски диктат“ на Хитлер – овде „бугарски диктат“. А ВЛЕН, откако ја вкусија моќта, се повлекоа од шестмесечниот рок за продолжување на патот кон ЕУ, во недоглед. Така сега си врват антисоцијални мерки, како и анти-ЕУ растурања на системот, додека најмалку на ВЛЕН (па и ЗНАМ) не им дојде акалот со кого се ујдисале, колку на гулабите барем. Тоа ли е успешна стратегија во корист на граѓанскиот интерес? Или после избори – веќе не е граѓански?

Треба да знаете
Moже да ве интересира