Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека напорите на светската организација за одржување на мирот се „исто толку силни колку и посветеноста на земјите-членки кон нив“, а денеска ги повика земјите-членки да го платат својот дел, јавија американските медиуми.
Одделот на ОН за мировни операции моментално води 11 операции во земји, вклучувајќи ги Конго, Централноафриканската Република, Јужен Судан, Либан, Кипар и Косово. Буџетот за девет од овие операции во фискалната година што завршува на 30 јуни е 5,6 милијарди долари, што е намалување од 8,2 проценти во однос на претходната година. Секоја од 193-те земји-членки на ОН е должна да го плати својот дел за одржување на мирот.
Гутереш рече дека со буџет „што претставува мал дел од глобалните воени трошоци – околу половина процент – мировните активности на ОН остануваат еден од најефикасните и најисплатливи инструменти за градење меѓународен мир и безбедност“.
„Одржувањето на мирот е толку силно колку што е силна посветеноста на земјите-членки кон него“, додаде тој на отворањето на дводневната конференција во Берлин, каде што министрите од земјите-членки ќе разговараат за иднината на мировните операции.
„Апсолутно е важно сите земји-членки да ги исполнат своите финансиски обврски со целосно и навремено плаќање на своите придонеси“, рече генералниот секретар на ОН.
„Ова се тешки времиња за финансирање на нашата работа во сите области“, призна Гутереш, без да даде детали за проблемите во овие операции.
ОН се обидува да одговори на намаленото финансирање за операциите за помош од страна на нивниот најголем донатор, САД, откако претседателот Доналд Трамп стапи на функцијата.