Гутереш јасен: Време е жена да застане на чело на Обединетите нации

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, јасно порача дека е време една жена да ја преземе највисоката функција во светската организација. На традиционалната новогодишна прес-конференција во Њујорк, тој истакна дека не постои повеќе простор за одложување на ова прашање.

„Искрено верувам дека дојде моментот Обединетите нации да ги води жена. Во тоа воопшто не се сомневам“, изјави Гутереш, чиј втор и последен мандат завршува кон крајот на 2026 година.

Од основањето на ОН досега, ниту една жена не била избрана за генерален секретар – факт што, според Гутереш, мора да се промени доколку организацијата сака да испрати вистинска порака за еднаквост и современо лидерство.

„Време е да гледаме жени на највисоките позиции – не само во Обединетите нации, туку и во најмоќните држави во светот“, порача тој.

Генералниот секретар се избира од Генералното собрание на ОН, по препорака на Советот за безбедност. Процесот за избор на наследник на Гутереш треба да започне во наредните месеци.

Поддршка за идејата даде и претседателката на Генералното собрание, поранешната германска министерка за надворешни работи Аналена Бербок, која ги повика земјите-членки до почетокот на април да предложат кандидати.

Засега, единствената официјална кандидатура е од Аргентина, која го номинираше Рафаел Гроси, директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Во меѓувреме, притисокот од јавноста и дел од дипломатските кругови расте, со сè погласни апели новиот генерален секретар на ОН да биде жена – чекор што би означил историски пресврт во речиси осумдецениското постоење на организацијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен