Аљбулена Хаџију денеска беше избрана за претседателка на Собранието на Косово на конститутивната седница на новиот парламентарен состав.
Како најголема парламентарна група, Движењето Самоопределување предложи кандидат за претседател на Собранието, а нивниот предлог беше Хаџију која беше избрана со 66 гласа „за“, 44 „против“ и осум „воздржани“.
Пратениците на Самоопределување и дел од пратениците од малцинските заедници гласаа за нејзиниот избор, додека пратениците од Демократската партија на Косово (ДПК), Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) и Српската листа гласаа против. Дел од пратениците на Алијансата за иднината на Косово беа воздржани.
На изборот на Хаџију му претходеше верификација на мандатите на пратениците и нивно свечено полагање заклетва.
За потпретседатели на Собранието беа избрани Ардијан Гола од Самоопределување, Влора Читаку од ДПК, Кујтим Шаља од ДСК, Емилија Реџепи од редовите на малцинските заедници и Славко Симиќ од Српската листа. Тие беа избрани со гласање во пакет, при што 104 пратеници гласаа „за“, тројца беа „против“, а шест „воздржани“.
По изборот, Хаџију изјави дека ќе ја оправда довербата со секојдневна работа, транспарентност и целосна посветеност.
„Денес ја преземам оваа должност со целосна свест за уставната тежина што ја носи. Ќе ја оправдам оваа доверба со секојдневна работа, транспарентност и целосна посветеност“, изјави Хаџију.
Таа нагласи дека нејзина цел ќе биде Собранието да функционира со достоинство, транспарентност и меѓусебно почитување, во согласност со Уставот, законите и парламентарната пракса.
„Ќе се обидам да се осигурам дека секој од вас ќе го најде својот простор тука со исто достоинство и почит, бидејќи функционалното Собрание е предуслов за силна држава и стабилна демократија“, порача таа.
Хаџију вети дека функцијата претседателка ќе ја извршува непристрасно, со интегритет и целосна институционална посветеност.
По завршувањето на конститутивната седница, таа најави одржување нова седница на која на дневен ред ќе биде изборот на новата Влада на Косово, мандатирана од Аљбин Курти.